Алтун: Израел се обидува да спречи вистината да излезе од Газа / Photo: AA

Директорот на Одделот за комуникации при Претседателството на Туркије, Фахретин Алтун, изрази сочувство до новинарот на Ал Џезира, Ваел Ал-Дахдух, чие семејство загина како последица на израелски напад.

„Шокирани сме од уште еден инцидент против професионалци во вестите, каде што куќата на новинарот на Ал Џезира, Ваел Ал-Дахдух, беше уништена од израелски напад. Го изгуби целото семејство вклучувајќи ги и децата. Изразуваме најдлабоко сочувство до Ваел. Нашите молитви се со него и неговите најблиски“, напиша Алтун на социјалната мрежа Х.

„Тешко ни е да поверуваме дека ова е случајно бидејќи Израел се обидува да спречи вистината да излезе од Газа. Ваквите напади се еднакви на употреба на терористички тактики против новинарите за да се замолчат“, истакна тој.

Алтун нагласи дека „додека спроведуваат тактики за заплашување и терор против цивилите, некои израелски официјални лица се осмелуваат да ја критикуваат Туркије за нашиот принципиелен став кон Газа. Никој не може да ни држи предавања за тоа што претставува тероризам. Долго време се бориме против терористичките групи како ПКК и ДАЕШ. Ништо не го оправдува намерното и систематско таргетирање цивили.“

„Целиот свет го виде не само нападот на 7 октомври врз израелските градови, туку и неселективните напади на Израел врз цивилите во Газа во кои досега загинаа повеќе од 6.000 цивили. Опсадата на милиони цивили без дозволена хуманитарна помош е нехумана и варварска“, објави Алтун и додаде:

„Ја советуваме израелската влада да се вразуми за злосторствата што секојдневно ги прават. Треба да се помири со фактот дека изворот на конфликтот е тековната окупација.“

Меѓу другото, Алтун напиша дека „веќе не е можно Израел да го обликува меѓународното јавно мислење додека целиот свет е сведок на масакрите и ужасите во Газа. ПР-кампањите не можат да ја прикријат бруталноста на убивањето цивили без оглед на меѓународното право.“

„Нападот на нашиот претседател Ердоган не му користи на Израел. Претседателот Ердоган секогаш повикуваше на деескалација и мир во време на конфликт“, нагласи Алтун, додавајќи дека турскиот претседател никогаш не се двоумел да ги осуди оние кои таргетираат невини цивили врз основа на слаби изговори.

„Уште еднаш повикуваме на итен прекин на огнот и преговори за размена на затвореници. Мора да се дозволи меѓународна хуманитарна помош во Газа“, напиша Алтун.

„Настаните во изминатите две недели покажаа дека тековната израелска окупација на палестинските земји е изворот на проблемот и тој повеќе не може да се игнорира. Меѓународната заедница мора да го обесхрабри Израел од сегашниот пристап и да изврши притисок за конечно решавање на конфликтот преку решение со две држави“, потенцираше Алтун.

TRT Balkan
Популарни