Алтун: Не е коректно трилатералниот Меморандум да се лансира како членство     Фото: 

Шефот на Канцеларијата за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, истакна дека не е коректно трилатералниот Меморандум потпишан во Мадрид помеѓу Туркије, Шведска и Финска, да се лансира како членство во Алијансата.

Алтун одговараше на прашањата на „Хелсингин Саномат“, еден од водечките фински весници, во врска со трилатералниот Меморандум потпишан на Самитот на лидерите на НАТО во Мадрид.

Потсетувајќи дека дипломатијата е уметност за изнаоѓање или создавање точки каде што се вкрстуваат интересите на државите, Алтун рече дека во Мадрид е потпишан Меморандум меѓу Туркије (Турција), Финска и Шведска, и дека Туркије го добила тоа што го сакала од преговарачкиот процес.

Тој наведе дека Туркије од почетокот на процесот нема категорични забелешки за проширувањето на НАТО, и додаде дека Туркије очекува конкретна посветеност од земјите кои сакаат да влезат во НАТО на споделувањето на вредностите и целите на Алијансата.

Алтун, исто така, нагласи дека нивното најважно очекување е да се спречат активностите за пропаганда, регрутирање и финансирање на ПКК, сирискиот огранок на оваа терористичка организација, ЈПГ и на ФЕТО, којшто имаше неуспешен обид за државен удар во Туркије и уби 251 невино лице.

„Политичката, материјалната или воената поддршка дадена на овие организации претставува директна закана за животот и имотот на турските граѓани. Во исто време, јасно кажавме дека овие две земји, кои сакаат да станат членки на НАТО, најважниот воен сојуз во историјата, не можат да воведат никакво ембарго за оружје на Туркије, која ја има втората по големина армија на НАТО. Штом е потпишан Меморандумот, веруваме дека Финска и Шведска целосно разбираат колку сме сериозни и решителни во борбата против тероризмот.“

На прашањето кое било најтешкото прашање во преговорите, Алтун потсети на изјавата на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека Туркије од принципиелна и сеопфатна перспектива пристапува кон членството на Финска и Шведска во НАТО.

„Членството во НАТО е привилегија, а не право“

Наведувајќи дека прават проценки дали Финска и Шведска ќе влезат во НАТО, Алтун рече дека Туркије отворено ги споделува своите очекувања од овие земји.

Посочувајќи дека овој процес не го гледаат како посебни поглавја, Алтун рече: „На пример, нема да направиме никакви отстапки во сценарио во коешто се преземени чекори во борбата против тероризмот, но санкциите продолжуваат. Исто така, нема да можеме да покажеме никаква флексибилност во однос на тероризмот. Така што, сите прашања во преговорите се обработени со еднаква тежина.“

На прашањето дали Туркије се откажала од кое било од нејзините барања, директорот за комуникации, Алтун, одговори: „Не. Ние поставивме многу легитимни барања. Доколку овие барања не бидат исполнети, напредокот во барањата за членство на Финска и Шведска директно би го загрозило НАТО. Не доаѓаше предвид да направиме некакви отстапки.“

На прашањето „Може ли Финска да очекува Туркије да го одобри нејзиниот пристап во НАТО без одлагање?“, Алтун нагласи:

„Не е коректно трилатералниот Меморандум потпишан во Мадрид да се лансира како членство. Ќе оцениме колку Финска и Шведска ги исполнуваат своите пишани обврски. Членството во НАТО не е право, туку привилегија. Државите кои сакаат да ја постигнат оваа привилегија, мора да исполнат некои обврски. Во овие рамки, покрај ПКК, важно е што во текстот ЈПГ и ФЕТО се признати како терористички организации. Сега, одговорноста на овие две земји е да ги одржат своите ветувања.“

Екстрадиција на терористи

Меѓу другото, во интервјуто Алтун подвлече дека припадниците на терористичката организација, кои пред финскиот народ се претставуваа како жртви, во последните неколку месеци го покажаа своето вистинско лице без да остават простор за сомнеж.

Потсетувајќи дека неодамна во Хелсинки се појавија снимки од припадниците на терористичката организација ПКК/ЈПГ кои ги напаѓаат Финците, Алтун рече: „Очигледно е дека овие луѓе не се грижат за интересите на Финска и не ги делат вредностите на вашата земја. Финските власти мора да ги преземат неопходните чекори за да ги исполнат своите обврски и да ги заштитат своите граѓани од оваа закана.“

Тој потенцира дека очекувањата на Туркије се јасно наведени и на официјалните средби и во јавните изјави, и порача дека најважно е да се преземат неопходни чекори во борбата против тероризмот.

„Како ќе се преземат овие чекори е прашање на финската Влада. Го гледаме исходот“, нагласи Алтун.

Потсетувајќи дека и Финска и Шведска презедоа писмени обврски во врска со екстрадицијата на припадниците на терористичката организација, Алтун додаде:

„Туркије ги сподели потребните информации за припадниците на терористичката организација со властите на двете земји. Прашањето за екстрадиција на терористите секако ќе биде тест за искреноста на двете држави. Би било против духот на сојузот да се осигура безбедно засолниште за луѓето кои се обидуваа да го урнат уставниот поредок во Туркије, кои се вклучени во акти на насилство и кои ја загрозуваат безбедноста на животот и имотот на невини луѓе.“

AA
Популарни