Таргетирањето новинари во Појасот Газа со цинична агенда за поткопување на вистината и со цел да се сокрие реалноста на теренот е без оправдување, порача денес директорот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун.
„Длабоко сме загрижени поради насилството врз репортерите, новинарите и новинските организации на терен... Ние силно се спротивставуваме на нападите и масакрите врз цивилите, вклучително и врз нашите колеги“, истакна Алтун преку платформата X.
„Респектабилното и пристојно новинарство може да му служи на мирот преку одразување на реалноста која инаку е скриена од окото на пошироката јавност“.
Тој нагласи дека „информациските војни на социјалните мрежи продолжуваат да претставуваат опасност за нашиот пристап до точни информации“ бидејќи организирани групи „постојано спроведуваат кампањи за дезинформации што ја искривуваат или фабрикуваат реалноста.“
„Во вакво критично време, сите медиумски институции имаат должност да соопштуваат само проверени информации“, истакна Алтун.
Тој ги повика медиумите и новинарите да посветат „дополнително внимание на кампањите за дезинформирање и да бидат внимателни за оние кои се обидуваат да им служат на своите воени цели манипулирајќи ја јавноста во светот“.
Уредничките тимови „мора да известуваат прецизно и да се воздржат од кампањите за дезинформирање“, рече Алтун, и додаде дека радиодифузерите треба да ја „пренесуваат вистината“, да одбиваат „запалива“ содржина и отстапување простор на оние со агенда поврзана со нивните воени цели.
„Мораме да застанеме и да се бориме заедно за вистината и за мирот“, нагласи Алтун.
Според Комитетот за заштита на новинарите, најмалку 12 новинари загинале во првите осум дена од конфликтот меѓу Израел и палестинската група Хамас.