Туркије следи единствен модел на надворешна политика која може да се земе како пример во светот, изјави шефот на Одделот за комуникации при Претседателството на Туркије, Фахретин Алтун.
„Туркије во времето во кое се наоѓаме следи единствен модел на надворешна политика кој е пример за целиот свет. Главна карактеристика што денес го прави можен турскиот модел на надворешната политика е стратешко и помирливо лидерство“, рече Алтун на „6. ТРТ Ворлд форум“ во Истанбул.
Тој додаде дека Форумот се занимава со глобалната соработка, лидерството, дипломатијата, прехранбената сигурност, енергетската криза, климатските промени, миграциите, исламофобијата, медиумите и дигитализацијата.
„Мировната дипломатија што ја демонстриравме во војната меѓу Русија и Украина покажа дека целиот свет ја прифати Туркије како стабилизирачка сила која придонесува за глобалниот мир“, истакна Алтун и додаде дека Туркије го почитува принципот на изнаоѓање регионални решенија за регионалните проблеми.
„Затоа што низ горко искуство гледаме дека надворешните интервенции во кој било регион, од Блискиот Исток до Балканот, од Црното Море до Источниот Медитеран, не резултираа со ништо друго освен со влошување на кризата и создавање трагедии“, посочи Алтун.
Тој истакна дека важен сегмент на моделот на турската надворешна политика е спречувањето глобална поларизација и нови студени војни.
„Визијата на Туркије за глобалната иднина има за цел да го држи светот што подалеку од судири и да спречи нова Студена војна“, додаде Алтун.
На крајот, Алтун нагласи дека Туркије има водечка улога во решавањето на хуманитарните кризи, како и на глобалните прехранбени, енергетски и климатски кризи.