Алварес: Шпанија прави сѐ за злосторствата во Газа да не останат неказнети / Фото: Reuters Archive

Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Алварес, изјави дека шпанската Влада „прави сѐ што е можно“ за да осигури дека злосторствата извршени во Газа нема да останат неказнети, пренесува Анадолу.

Во интервју за шпанскиот јавен радиодифузер РТВЕ, Алварес беше запрашан како Шпанија ќе реагира на случувањата во Газа, кои премиерот Педро Санчес во неделата ги опиша како „масовно убиство“.

Израелските сили досега убија повеќе од 47.500 луѓе во Газа, главно жени и деца.

„Затоа се приклучивме на случајот започнат од Јужноафриканската Република пред Меѓународниот суд на правдата (МСП); затоа испративме доброволни средства до Меѓународниот кривичен суд (МКС) за да може да ги истражи злосторствата што можеби се извршени во Газа“, рече Алварес.

МКС во ноември минатата година издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за злосторства против човештвото.

Министерот за надворешни работи на Шпанија додаде дека земјата исто така вовела санкции за насилните (еврејски) доселеници на Западниот Брег, тројно ја зголемила помошта за Палестина, ја признала палестинската државност и ја зголемила поддршката за УНРВА (Агенцијата за помош на ОН за палестинските бегалци), додека други земји го прекинале финансирањето.

Алварес истакна дека сегашниот прекин на огнот е „прозорец на можност“ за Газа и дека Шпанија работи на тоа да го направи трајно.

„Откако ќе се обезбеди прекинот на огнот, треба да започне фаза на обнова, во која Шпанија ќе ја поддржи палестинската власт во преземањето контрола врз Газа и Западниот Брег“, додаде тој.

Шпанскиот министер истакна дека долгорочниот мир на Блискиот Исток бара имплементација на дводржавното решение.

„Тоа не е само зборување за параметри, туку навистина да се имплементираат – што значи палестинска држава која ќе ја гарантира безбедноста на Израел и нормализирање на односите на Израел со сите држави од Блискиот Исток“, рече Алварес.

AA
Популарни