Јамајка стана 142 држава членка на ОН која ја призна државноста на Палестина / Фото: AFP

Јамајка одлучи официјално да ја признае државата Палестина по дебатата во владиниот кабинет, со што стана 142 држава членка на Обединетите нации која презела ваков потег.

„Јамајка продолжува да се залага за решениете со две држави како единствена остварлива опција за решавање на долготрајниот (израелско-палестински) конфликт, гарантирање на безбедноста на Израел и поддршка на достоинството и правата на Палестинците.

Со признавањето на државата Палестина, Јамајка го зајакнува своето застапување кон мирно решение“, рече министерката за надворешни работи и надворешна трговија Камина Џонсон Смит.

„Одлуката е во согласност со силната посветеност на Јамајка кон принципите на Повелбата на Обединетите нации, кои имаат за цел да воспостават меѓусебно почитување и мирен соживот меѓу државите, како и признавање на правото на народите на самоопределување“, додаде таа.

Џонсон Смит ја потврди поддршката на Јамајка за прекин на огнот, ослободување на заложниците и пристап до хуманитарна помош за луѓето во Газа.

„Јамајка продолжува да ги поддржува сите напори за деескалација и воспоставување траен мир во регионот, барајќи од сите страни да ги земат предвид ужасните последици од понатамошниот конфликт и да се посветат на дипломатски решенија кои обезбедуваат безбедност и суверенитет на сите“, рече Џонсон Смит.

Јамајка сега им се придружува на околу 140 земји-членки на ОН и 11 земји од Карипската заедница (КАРИКОМ) кои ја признаа државата Палестина, вклучувајќи ги Еквадор, Египет, Индија, Исланд, Романија, Полска, Бурунди, Тајланд, Танзанија, Ирак, Шведска, Русија, Гвајана, Хаити, Суринам, Куба и Доминиканската Република.

КАРИКОМ на 9 октомври минатата година соопшти дека „се ужаснати од нападите во Израел и контра нападите на палестинската територија во Газа“ и 12 нејзини членки гласаа за резолуцијата на Генералното собрание на ОН што ги поддржува „тековните напори на кон решението со две држави како најдобар начин за постигнување сеопфатен мир, безбедност и спокојство меѓу Израел и Палестина.

„Тековните сурови услови под кои Палестинците живеат во вистински колонијализам и израелското чувство на несигурност ќе придонесат за циклус на насилство додека тие реалности не се решат дефинитивно“, се вели во соопштението на КАРИКОМ.

Премиерот на Јамајка, Ендрју Холнес, покажа солидарност со Израел и повика на прекин на непријателствата и враќање на мирот во рамките на меѓународно договорените насоки, но тој се воздржа од коментари за нападите на Израел врз Газа.

AA
Популарни