Американски сенатор ја запре продажбата на оружје за Унгарија / Photo: AA Archive

Сенаторот Џим Риш ја запре целата американска продажба на оружје за Унгарија поради недостигот на прогрес од Будимпешта во унапредување на процесот за прием на Шведска во НАТО, потврди неговиот Кабинет.

Риш, истакнат републиканец во Комитетот за надворешни односи на Сенатот, во соопштението пратено до Анадолу од неговата канцеларија истакнува дека презема акција откако унгарските власти не ги исполниле ветувањата за унапредување на кандидатурата на Шведска.

„Веќе некое време директно ја изразувам мојата загриженост до унгарската Влада во врска со нејзиното одбивање да го придвижи гласањето за да се вклучи Шведска во НАТО“, рече тој.

„Со оглед на ветувањата што ни беа дадени мене и на другите минатата година дека ова гласање ќе биде спроведено, како и фактот дека сега е јуни и сè уште не е направено тоа, решив продажбата на новата американска воена опрема на Унгарија да биде во мирување. Унгарија треба да ги преземе неопходните активности за да ѝ дозволи на Шведска да влезе во Алијансата и тоа наскоро“, додаде тој.

Во САД, продажбата на големи количини оружје мора да биде одобрена од претседавачите и истакнатите членови на комисиите за надворешни односи на Претставничкиот дом и на Сенатот во текот на таканаречениот конгресен период на разгледување.

Риш, како истакнат член на Комисијата, може да го спречи „Стејт департментот да ги изврши предложените продажби, вклучително и пакетот оружје од 735 милиони долари, за кој весникот „Вашингтон пост“ објави дека опфаќа 24 батерии за ракетни фрлачи со долг дострел ХИМАРС и повеќе од 100 ракети и лансери.

Унгарија досега ја нема одобрено кандидатурата на Шведска за НАТО поради незадоволството што го има во врска со критиките на Стокхолм за нејзината состојба со демократијата и владеењето на правото. Будимпешта ги осуди изјавите, тврдејќи дека тие се лажни и дека Шведска се меша во нејзините внатрешни работи.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, за новинската агенција Анадолу (АА) претходно оваа недела изјави дека неговата Влада го поддржува членството на Шведска во НАТО, но конечната одлука е на унгарскиот Парламент, кој ги зема предвид „навредите“ со кои се соочи Унгарија од Стокхолм.

„Ние никогаш не се мешаме во внатрешните прашања на другите земји“, рече тој.

„Тие нѐ обвинија во многу наврати... Тоа може да се земе предвид како мешање, но тоа не го прават само Швеѓаните“, рече тој, тврдејќи дека и САД и другите европски земји се мешаат во внатрешните работи на Унгарија.

TRT Balkan / агенции
Популарни