Американски сенатор ги поддржа налозите за апсење на израелските лидери / Photo: AA

Американскиот сенатор Берни Сандерс изрази поддршка за барањата на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан за налози за апсење на израелските лидери и ги повика САД да го почитуваат меѓународното право.

„МКС, како што гледам, се обидува да го поддржи меѓународното право и минималните стандарди на пристојност. Нашата влада не треба да стори ништо помалку“, рече Сандерс пред сенатот во вторникот вечерта.

Неговите изјави следуваа откако Кан во понеделникот поднесе барање за налог за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант и тројца водачи на палестинската група Хамас за „воени злосторства и злосторства против човештвото“ извршени во Израел и Појасот Газа.

Сандерс рече дека кога МКС минатата година го прогласил рускиот претседател Владимир Путин за воен злосторник, американската Влада ја поздравила неговата одлука.

„Некои тврдат дека е неправедно да се споредува демократски избраниот шеф на израелската Влада со Путин, кој води авторитарен систем... Да, демократски избраните функционери можат да извршат воени злосторства“, рече тој.

„МКС ја врши својата работа. Го прави тоа што треба да го прави. Не можеме да го применуваме меѓународното право само кога е погодно“, додаде Сандерс.

Тој ги потсети сенаторите дека повеќе од 35.000 Палестинци се убиени, а речиси 80.000 се повредени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври минатата година.

Нагласувајќи дека Израел има право да тргне по Хамас, Сандерс рече: „Но, Нетанјаху и неговата влада немаат право да водат сеопфатна војна против децата, против жените, против невиниот народ во Газа. И за тоа, мора да има последици“.

„Она што го направи МКС е важно за глобалната заедница, во смисла дека не можеме да дозволиме човечката раса да се спушти до варварство“, додаде тој.

TRT Balkan / агенции
Популарни