Американските и британските авиокомпании ги откажуваат летовите за Израел / Photo: AA

Три американски и британски авиокомпании ги откажаа своите летови за Израел вчера како одговор на ескалацијата на безбедносните тензии додека Тел Авив се подготвува за можна одмазда од либанската група Хезболах по атентатот на еден од нејзините клучни воени лидери во Бејрут.

Израелското армиско радио објави дека американските авиопревозници „Јунајтед ерлајнс“ и „Делта ерлајнс“ се одлучиле на овој потег по убиството на високиот командант на Хезболах, Фуад Шукр, во вторникот.

Израелскиот дневен весник „Једиот Ахронот“ потврди дека и „Бритиш ервејс“ објавила прекин на летовите за Израел.

„'Јунајтед ерлајнс', која лета 14 пати неделно до Тел Авив, ги информираше клиентите за откажување на летовите во наредните денови“, пишува весникот.

„'Делта' ги откажа летовите од Њујорк за среда и четврток“, се додава.

Весникот објави дека „Бритиш ервејс“, исто така, најавила откажувања, иако не е јасно дали тие се за следните 24 или 48 часа.

Во понеделник „Аустриан ерлајнс“ и германската „Луфтханза“ ги прекинаа летовите до и од аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив.

Во април Израел го затвори својот воздушен простор седум часа поради тежок ракетен и напад со беспилотно летало од Иран, што беше одмазда за израелскиот воздушен напад врз амбасадата на Техеран во Дамаск. Во нападот загинаа 16 лица, меѓу кои и висок офицер на иранските сили Кудс.

Безбедносните тензии во Израел се зголемија откако Тел Авив го објави убиството на Шукр (63) во воздушниот напад врз зграда во јужен Бејрут во вторникот вечерта. Синоќа Хезболах го потврди убиството на Шукр.

Неколку часа подоцна палестинската група на отпорот Хамас соопшти дека Тел Авив го убил шефот на Политичкото биро, Исмаил Ханије, во израелскиот воздушен напад чија цел била резиденцијата во која престојувал во Техеран. Ханије пристигна во главниот град на Иран за да присуствува на инаугурацијата на новиот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан.

Растат стравувањата од целосна војна меѓу Израел и Хезболах поради повеќемесечната размена на прекуграничен оган.

Ескалацијата се случува паралелно со израелскиот напад врз Газа во кој од октомври минатата година загинаа повеќе од 39.400 луѓе.

AA
Популарни