Анкара ја откажа посетата на министерот за одбрана на Шведска / Photo: AA

Анкара ја откажа претстојната посета на шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон на Туркије поради дозволата на Шведска за планирано палење на Куранот во близина на турската Амбасада во Стокхолм.

„За жал сведоци сме дека не се преземени никакви мерки како резултат на овие гнасни и грозоморни дејствија против Туркије и нашиот претседател [Реџеп Таип Ердоган]. Затоа, во овој момент, посетата на шведскиот министер за одбрана Јонсон на Туркије на 27 јануари е бесмислена. Поради тоа ја откажавме посетата“, изјави турскиот министер за национална одбрана Хулуси Акар вчера за новинарите по состанокот на НАТО во воздухопловната база Рамштајн во Германија.

Потегот за откажување на посетата дојде откако Расмус Палудан, лидерот на данската екстремно десничарска партија Страм Курс (Цврста линија), доби дозвола да го запали Куранот денес пред турската Амбасада во Стокхолм.

Шведскиот министер за надворешни работи, Тобијас Билстром, рече дека е загрижен поради тоа што со демонстрацијата се ризикува дополнително одложување на ратификацијата на шведската кандидатура за Н АТО од страна на Туркије. Но, тој рече дека би било „многу несоодветно“ да повика да не му се дозволи на одредено лице да протестира.

Акар истакна дека е неприфатливо да се молчи за инцидентот, и додаде: „Беше неопходно да се преземе акција и да се преземат мерки на претпазливост.“

Истакнувајќи ја поддршката на Туркије за политиката на отворени врати на НАТО, Акар додаде: „Сè што сакаме е исполнување на обврските од овој меморандум. Очекуваме Шведска и Финска да го направат својот дел, својата домашна задача.“

Барање за членство во НАТО

Шведска и Финска официјално во мај минатата година поднесоа барање за членство во НАТО, напуштајќи ја повеќедецениската воена неутралност, што е одлука поттикната од руската војна против Украина.

Туркије како важна членка на НАТО изрази приговори, обвинувајќи ги двете нордиски земји дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички организации.
Во јуни минатата година, Туркије, Шведска и Финска потпишаа меморандум на самитот на НАТО за да одговорат на легитимните безбедносни грижи на Анкара, трасирајќи го патот кон конечно членство на Шведска и Финска во НАТО.

AA
Популарни