Министерството за надворешни работи на Туркије го отфрли извештајот на Европскиот парламент за Туркије за 2022 година.
Осудата на официјална Анкара следуваше по усвојувањето на извештајот на вчерашната пленарна седница на Европскиот парламент.
„Овој извештај, кој содржи нефер обвинувања и предрасуди врз основа на дезинформации од антитурски кругови, е одраз на вообичаениот плиток и невизионерски пристап на Европскиот парламент, како во односите со нашата земја, така и во прашањето за иднината на Европската Унија“, се вели во соопштението на Министерството.
„За жал, овој извештај покажува и колку членовите на ЕП се жртви на дневната популистичка политика и колку се далеку од развивање на вистински стратешки пристап и кон ЕУ и кон нашиот регион“, се додава.
Туркије смета дека е неразбирливо што ЕУ застапува различни пристапи наместо пристапни преговори во овој критичен момент за стабилноста и безбедноста на целиот континент, кога постои можност за ревитализација на односите меѓу Туркије и ЕУ, се вели во соопштението.
Понатаму се додава дека тврдењата во извештајот за прашањата за Егејското Море, Источниот Медитеран и Кипар, кои ги одразуваат едностраните ставови на некои групи и кои не ја одразуваат историската и правната реалност, не важат за Туркије.
Во соопштението се наведува дека Туркије има потенцијал да ја направи ЕУ глобална сила, која е соочена со бројни предизвици како безбедноста, енергијата, климатските промени и економските проблеми.
„Препознавањето на оваа вистина е можно со визионерска перспектива која не треба да биде загрозена од интересите на некои кругови.“
„Се надеваме дека новиот состав на Парламентот што ќе се формира по изборите за ЕП во 2024 година ќе се води од неутрална, рационална и конструктивна перспектива“, соопшти турското Министерство.