Ганц во неделата поднесе оставка од Владата

Додека Израел продолжува со нападот врз Појасот Газа, популарноста на премиерот Бенјамин Нетанјаху продолжува да се намалува, а неодамнешното истражување на јавното мислење покажа дека поранешниот член на Воениот кабинет Бени Ганц има поголема поддршка од јавноста.

Според анкетата објавена денес од израелскиот дневен весник „Маарив“, само 35 отсто од испитаниците сметаат дека Нетанјаху е погоден за функцијата премиер, а 41 отсто го претпочитаат Ганц, кој е лидер на Партијата за национално единство и во неделата поднесе оставка од Владата на единство во услови на вонредна состојба во земјата.

Резултатите од анкетата на Институтот Лазар, исто така, покажаа дека 24 отсто од случајниот примерок од 501 Израелец немале одговор за својот избор на премиер.

Јасно мнозинство од испитаниците, 74 отсто, рекоа дека мислат оти израелската јавна дипломатија за нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври била неуспешна. Спротивно на тоа, само 15 отсто сметаат дека е успешна, а 11 отсто немаат мислење.

Според резултатите од анкетата, доколку денес се одржат избори, партијата Национално единство би обезбедила 24 од 120 места во Кнесетот, односно израелскиот Парламент. Партијата Ликуд, предводена од Нетанјаху, би имала 21 место, а партијата Јеш Атид, на чело со опозицискиот лидер Јаир Лапид, би добила 15.

Истражувањето, исто така, укажа на неочекуван пораст на поддршката за десничарската опозициска партија Јисраел Бејтеину, предводена од поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман.

Според резултатите од анкетата, партијата би обезбедила 14 места, што е повеќе од девет места од претходните избори.

Весникот истакна дека блокот што ја поддржува Владата на Нетанјаху би обезбедил 52 места, опозицијата би добила 58, а арапските претставници 10.

За да се формира влада во Израел, потребни се најмалку 61 глас во Кнесетот.

Со оглед на неподготвеноста на Нетанјаху да одржи предвремени избори, нема непосредни изгледи за избори во Израел, кој се соочи со меѓународна осуда поради континуираната брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и покрај Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.

Според локалните здравствени власти, оттогаш во Газа се убиени повеќе од 37.200 Палестинци, од кои повеќето жени и деца, а над 85.000 се повредени.

Осум месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а постои блокада за храна, чиста вода и лекови.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине својата операција во јужниот град Рафа, каде што над еден милион Палестинци побараа засолниште од војната пред да започне копнената офанзива врз градот на 6 мај.

AA
Популарни
Оваа страница користи колачиња. Продолжувајќи да ја пребарувате страницата, се согласувате со употреба на колачиња.Политика за колачиња
Прифати