Сè повеќе Американци сметаат дека Вашингтон треба да ја убеди Украина да постигне договор за мир што е можно поскоро, покажува најновата анкета завршена вчера.
Како што борбите продолжуваат во зимски услови, американската јавност не се согласува околу тоа дали Вашингтон треба да го поддржува Киев до крајот, или да ја повика Украина да оди на примирје, покажува истражувањето на Чикашкиот совет за глобални прашања.
Бројот на оние кои мислат дека САД треба да ја повикаат Украина за постигнување мир се зголеми на 47 отсто, од 38 отсто во јули, покажаа резултатите.
За споредба, бројот на оние кои сметаат дека Вашингтон треба да го поддржи Киев „онолку долго колку што е потребно“ е намален на 48 отсто, од 58 отсто во јули.
Во меѓувреме, еднаков процент на луѓе гласаа за предност на Русија (26 отсто) и Украина (26 отсто) во војната, но 46 отсто сметаат дека ниту една страна нема предност.
„Речиси три од 10 испитаници велат дека САД треба воено да интервенираат за предност на Украина и за побрз прекин на војната (27 отсто) или дека САД треба постепено да ја повлечат поддршката за Украина (29 отсто)“, покажува истражувањето.
Мнозинството испитаници, исто така, сакаат САД да продолжат да ја снабдуваат Украина со оружје (65 отсто) и економска помош (66 отсто), да прифаќаат украински бегалци (73 отсто) и да ја санкционираат Русија (75 отсто).