Штефен Хеберстрејт, портпарол на германската влада: Речиси 5 милиони муслимани во Германија имаат целосно право да бидат заштитени / Photo: AA

Германија е загрижена поради зголемениот антимуслимански расизам во земјата од почетокот на војната во Газа на 7 октомври. Портпаролот на германската влада Штефен Хеберстрајт на прес конференција во Берлин изјави дека напади врз муслиманите во Германија од религиозни или други причини се апсолутно неприфатливи.

„Речиси 5 милиони муслимани во Германија имаат целосно право да бидат заштитени“, рече Хеберстрајт.

Алијансата против исламофобијата и антимуслиманската омраза со седиште во Берлин, минатата недела предупреди на растечкиот антимуслимански расизам поради ескалацијата на израелско-палестинскиот конфликт во Газа.

„Сведоци сме на интензивирање на антимуслиманскиот расизам во Германија. Ова е нешто за што сите треба да бидеме загрижени и треба да се сфати сериозно. Не смееме да дозволиме дополнително да се нормализираат нехуманите позиции и со тоа да ја загрозиме социјалната кохезија. Сите луѓе мора да бидат заштитени од расистичко, антисемитско и друго нехумано насилство и закани“, рече Рима Хананно, шеф на невладината организација.

Алијансата има документирано 53 случаи на антимуслимански закани, насилство и дискриминација само во последните две и пол недели, вклучително и 10 напади на џамии.

Може да се претпостави дека има сериозен број непријавени антимуслимански инциденти со антимуслиманскиот говор на омраза на социјалните мрежи.

Од невладината организација повикаа на далекусежни мерки за борба против антимуслиманскиот расизам и за заштита на погодените.

„Борбата против антимуслиманскиот расизам, антисемитизмот и другите мизантропски идеологии е поклучна од кога било за нашата демократија и кохезијата на општеството. Потребата за акција е акутна“, велат претставниците на Алијансата.

TRT Balkan / агенции
Популарни