Апел до Германија и Велика Британија да ја откажат посетата на Нетанјаху / Photo: AA

Повеќе стотици израелски писатели, автори и академици денес ги повикаа Германија и Велика Британија да ги повлечат поканите упатени до премиерот Бенјамин Нетанјаху и да ја откажат неговата посета на двете европски земји.

„Имајќи го предвид опасното и деструктивно водство на Бенјамин Нетанјаху, и противењето на голем број израелски граѓани на законодавните потези и разградбата на државните институции во неговите раце, бараме од Германија и Велика Британија да го известат обвинетиот Нетанјаху за итно откажување на неговите планирани политички посети на вашите земји“, се вели во писмото што го потпишаа околу 1.000 израелски писатели и академици.

Како што наведуваат во писмото, Израел се наоѓа во „најакутна криза, најлоша во својата историја, во забрзан и опасен процес на преобразување на земјата од просперитетна демократија во теократска диктатура“.

Нетанјаху в четврток во Берлин би требало да се состане со германскиот канцелар Олаф Шолц, по што е планирана посета на Лондон.

Последните два месеца, илјадници Израелци излегоа на улица во знак на протест против плановите на Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху поврзани со реформите во судството.

Реформите, што ги предложи министерот за правда Јарив Левин, претставуваа најрадикална измена некогаш спроведена во системот на власта во Израел.

Предложената реформа сериозно би ги ограничила овластувањата на Врховниот суд за правда, би ѝ овозможила на Владата да бира судии и да го финализира именувањето на правните советници во Министерството од страна на државниот обвинител.

Меѓутоа, Нетанјаху, на кого му се суди за корупција, тврди дека неговиот план за реформи во судството би ја унапредил демократијата во Израел.

TRT Balkan / агенции
Популарни