Проекција за борбениот авион кој треба да биде готов до 2035 година / Photo: AFP

Јапонија, Велика Британија и Италија заеднички ќе развијат борбен авион од следната генерација во проект кој има можност за идна соработка со сојузниците. За да биде готов до 2035 година, новиот авион се очекува да ги спои тековните истражувања на овие држави во врвната технологија за воздушна борба, од стелт капацитет до високотехнолошки сензори.

Трите земји во заедничка изјава истакнаа дека амбициозниот потфат ќе го забрза нивниот напреден воен капацитет и технолошка предност во време кога заканите и агресијата ширум светот се зголемуваат. Односно оваа соработка треба да придонесе за глобалниот мир и стабилност.

Трите земји не дадоа проценка на трошоците, но веќе вложуваат милијарди долари за развој на високотехнолошки борбени авиони. Овие вложувања ќе ги обединат во рамки на заедничкиот проект наречен „Глобална борбена воздушна програма“.

„Ние споделуваме амбиција овој авион да биде центар на поширок борбен воздушен систем кој ќе функционира во повеќе домени. Тоа вклучува идна интероперабилност со Соединетите Држави, со НАТО и со нашите партнери во Европа, Азија и во светот, се вели во соопштението.

Во посебна заедничка изјава со јапонското Министерство за одбрана, американското Министерство за одбрана соопшти дека го поддржува проектот.

„Започнавме важна соработка преку серија дискусии за способностите на автономните системи, кои би можеле да ја надополнат следната јапонска борбена програма меѓу другите платформи“, се вели во соопштението на САД и Јапонија.

Подобар од Ф-35

Најавата доаѓа во време кога Јапонија е подготвена да го направи најзначајниот ремонт на својата безбедносна стратегија во последните децении. Владата планира да ги зголеми трошоците за одбрана - контроверзен потег во нација чиј устав го ограничува воениот капацитет на навидум самозаштитни мерки.

Но, војната во Украина, повторените лансирања на проектили од Северна Кореја и зголемениот притисок од Кина помогнаа да се добие поддршка за поголем буџет. Официјален претставник на јапонското Министерство за одбрана рече дека новиот борбен авион има за цел да ги надмине можностите на постоечките модели како што е американскиот Ф-35.

Иако вкупните трошоци не се финализирани, тие нема да бидат подеднакво на товар на трите земји, додаде официјалниот претставник. Јапонскиот деловен дневен весник Никеи објави дека три компании - Мицубиши Хеви Индустри, БАЕ системи и Леонардо - ќе го надгледуваат новиот проект, втор заеднички проект на Токио по ракетата СМ-3 направена со Вашингтон. Проектот е најнов пример дека сојузничките земји соработуваат на ад-хок основа за развој на одбранбена опрема.

Сепак, ваквите потези се покажаа контроверзни минатата година кога Соединетите Држави склучија профитабилен договор за снабдување на Австралија со подморници и лансираа нов сојуз САД-Велика Британија-Австралија во Пацификот, наречен АУ КУС. (ТРТ Балкан/Агенции)

TRT Balkan / агенции
Популарни