Студентите од Универзитетот Колумбија веќе десетти ден мирно демонстрираат во дворот на кампусот

Демонстрациите за поддршка на Газа, кои започнаа пред десет дена на Универзитетот Колумбија во САД, а се проширија на многу универзитети ширум светот, продолжуваат и покрај острите полициски интервенции и апсења на демонстранти.

Студентите веќе десетти ден мирно демонстрираат во дворот на кампусот во знак на протест поради финансиските инвестиции кои администрацијата на Универзитетот Колумбија ги обезбеди за компаниите кои го поддржуваат геноцидот во Газа.

Претставниците на Универзитетот се сретнаа со студентите кои ги организираа овие демонстрации со цел да го отстранат кампот што го поставија на кампусот и да ја преиспитаат политиката на универзитетот.

Раководствата на некои други универзитети и полицијата исто така ги поканиле студентите на преговори, а некои универзитети се место на жестоки интервенции на полицијата за задушување на демонстрациите.

Бројот на универзитети и студенти кои учествуваат во демонстрациите за поддршка на Газа расте од ден на ден.

Инциденти во Емори

Весникот „Емори Вил“, студентски весник на Универзитетот Емори во американската сојузна држава Џорџија, пишува дека полицијата употребила солзавец при интервенцијата против демонстрантите.

Локалната независна новинарска организација „Atlanta Community Press Collective“ известува дека најмалку 20 лица се приведени и дека полицијата интервенирала со употреба на пиштоли за шок и гумени куршуми.

Апсењето на професори

Професорката и раководителка на Катедрата за филозофија Ноел Мекафи и Керолин Фолин, професорка по економија, беа приведени за време на демонстрациите за поддршка на Палестина на Универзитетот Емори.

На социјалните мрежи беа објавени видеа од моментот кога Фолин и Мекафи беа приведени.

На видеото може да се слушне како Фолин за време на апсењето кажува на полицијата дека е професорка.

Заедно со професорките, уште најмалку 30 студенти кои протестираа во Атланта беа лишени од слобода.

Интервенција на Државниот универзитет во Охајо

Американската полиција остро интервенираше и против студентите кои се собраа за поддршка на Палестина на Државниот универзитет во Охајо.

На социјалните мрежи брзо се проширија видеа од интервенцијата на полицијата, а очевидци тврдат дека на покривот на зградата на универзитетот биле распоредени снајперисти.

Раководството на Универзитетот соопшти дека лицата на покривот биле припадници на државните безбедносни сили.

Откажана церемонијата на дипломирање

Најмалку 93 студенти беа приведени за време на протестот за Газа на Универзитетот во Јужна Калифорнија (УСЦ) во Лос Анџелес.

Раководството на Универзитетот соопшти дека говорот на студентот на генерацијата Асна Табасум е откажан поради закани од антимуслимански групи и дека централната церемонија на дипломирање е откажана.

Слични демонстрации одржуваат и студенти на Универзитетот Џорџтаун и Универзитетот „Џорџ Вашингтон“.

Стотици студенти се собраа во дворот на кампусот на Универзитетот Џорџтаун и извикуваа слогани како „Слободна Палестина“ и „Моментален прекин на огнот во Газа“.

Некои студенти поставија шатори во области каде што полицијата даде ограничена дозвола за собирање.

Стотици студенти се собраа и во кампусот на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ и ја изразија својата поддршка за Газа извикувајќи слични слогани.

Универзитетот во Индијана

Полицијата жестоко интервенираше против студентите кои поставија шатори во камповите за поддршка на Палестина на Универзитетот во Индијана.

Полицијата интервенираше со палки и приведе најмалку 33 лица.

Универзитетот во Конектикат

Приближно 300 студенти на Универзитетот во Конектикат се собраа на кампусот Сторс во поддршка на Газа.

Полицијата ги отстрани шаторите на студентите, кои рекоа дека ќе продолжат со демонстрациите сѐ додека управата на Универзитетот не ги исполни нивните барања. Еден студент е приведен.

Универзитетот во Пенсилванија

Студентите на Универзитетот во Пенсилванија исто така ја напуштија наставата и одржаа мирна протестна прошетка низ градот за поддршка на Палестина.

Демонстрантите носеа палестински знамиња, транспаренти и поставија шатори на универзитетскиот кампус во знак на протест против израелските напади во Газа.

Универзитетот Принстон

Пропалестинска група од Универзитетот Принстон вчера на социјалните мрежи објави дека поставила „солидарен камп во Газа“ во дворот МекКош.

Портпаролот на Принстон изјави дека овој камп е против универзитетските правила и дека за време на демонстрациите биле приведени две лица.

И студентите на Калифорнискиот политехнички државен универзитет ги продолжија демонстрациите за поддршка на Палестина од 22 април, и покрај полициските интервенции.

Сенатот на факултетот и персоналот побараа оставка на ректорот поради неговата одлука во понеделник да повика полиција за да ги отстрани забарикадираните студенти.

Амнести интернешнал ги повика американските универзитети да ги заштитат и олеснат правата на студентите за мирно и безбедно протестирање на кампусите.

Во соопштението се осудува спречувањето на студентските протести и приведувањето студенти на универзитетите во САД.

AA
Популарни