САД треба да се сметаат за одговорни за злосторствата што ги сторија, изјави Ренсбург / Photo: AA

Приближно 50 адвокати од Јужноафриканската Република се подготвуваат да поднесат тужба против владите на САД и на Велика Британија со образложение дека се соучесници во злосторствата што ги извршува Израел во Палестина.

Иницијативата, предводена од јужноафриканскиот адвокат Викус Ван Ренсбург, има за цел пред цивилните судови да ги гони оние кои се соучесници во злосторствата, во соработка со адвокати од САД и од Велика Британија.

Ренсбург, кој упати писма до различни земји и до Меѓународниот кривичен суд (МСП) последните неколку недели, со барање за судско гонење на Израелците виновни за нападите на Појасот Газа и нивните поддржувачи, започна со подготовки за поднесување тужби против владите на САД и на Обединетото Кралство со поддршка на неговите колеги.

„САД треба да се сметаат за одговорни за злосторствата што ги сторија“, изјави Ренсбург за Анадолу, објаснувајќи ги деталите од процесот.

Случајот пред Меѓународниот суд на правдата ќе ни го покаже патот

Зборувајќи дека добил голема поддршка од луѓето околу него кога им кажал за поднесувањето тужба, Ренсбург го рече следното:

„Со текот на времето, многу адвокати одлучија да спроведат истражување и да ни се приклучат. Многумина од оние кои се приклучија се муслимани, но јас не сум. Тие чувствуваат одговорност да помогнат во оваа кауза, а јас од моја страна чувствувам дека тоа што се случува е погрешно. Не можам да верувам на она што го видов таму.“

Истакнувајќи дека никој не ги смета САД за одговорни за нивните злосторства и не му придава соодветно значење на ова прашање, Ренсбург рече дека пример за тоа е она што се случи во Ирак.

Ренсбург рече дека она што се случува во Палестина е идеално сценарио за спроведување на правен процес и додаде: „САД се зафатени со трошење повеќе пари и повеќе ресурси за извршување на злосторствата. Никој не вели ‘Запрете, доста е’.“

Наведувајќи дека случајот за геноцид поднесен од Јужноафриканската Република против Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) ќе биде патоказ за нивниот случај, Ренсбург рече дека процесот ќе го иницира според исходот од случајот и од чекорите што треба да ги преземат Обединетите нации.

САД сега веќе мора да се сметаат за одговорни за сторените злосторства

Доколку процесот во МСП против Израел заврши во корист на Јужноафриканската Република, Ренсбург смета дека тогаш САД би можеле да се соочат со санкции, дури и доколку не ја прифатат пресудата.

Според него, пресудата на МСП во исто време ќе го зацврсти и случајот против администрацијата на Џо Бајден.

Ренсбург рече дека тој и неговите колеги од Јужноафриканската Република прават подготовки, контактирајќи адвокатски фирми во САД и Велика Британија.

Потсетувајќи дека Берлин и денес плаќа отштета за геноцидот што го стори Германија, Ренсбург истакна: „САД мора да бидат одговорни за злосторствата што ги направија.“

„Мора да ја прифатат својата одговорност“, порача Ренсбург.

Истакнувајќи дека слични случаи биле започнати и против поранешниот претседател Џорџ Буш во 2000-тите години, Ренсбург рече дека верува дека со тимска работа би можеле успешно да го спроведат правниот процес во странство.

Ренсбург додаде дека Јужноафриканската Република дала многу силни аргументи за процесот во Хаг, и додаде дека ги заплашуваат со аргумент дека доколку судот пресуди во корист на Јужноафриканската Република, тогаш би можел да се повтори нападот врз Израел.

Минатата недела, група од 47 адвокати упатија отворено писмо до лидерите на владите на САД и на Велика Британија, наведувајќи дека нема да можат да ја избегнат одговорноста.

AA
Популарни