Со привремената пресуда донесена во јануари, МСП на Тел Авив му наложи да ги запре геноцидните дејствија / Photo: AA

Јужноафриканската Република поднесе итно барање за дополнителни привремени мерки и измена на привремената пресуда на Меѓународниот суд на правдата (МСП) во предметот за геноцид против Израел, соопшти највисокиот суд на Обединетите нации .

Јужноафриканската Република наведе дека поднесува итни барања поради „нови факти и измена на ситуацијата во Газа, особено поради широко распространетата глад“, се вели во соопштението на МСП.

Во барањето се наведува дека моменталните постапки на Израел претставуваат кршење на Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид и кршење на привремените мерки што МСП ги донесе во јануари.

Израел пред Меѓународниот суд на правдата е обвинет за геноцид. Со привремената пресуда донесена во јануари, на Тел Авив му е наложено да ги запре геноцидните дејствија и да преземе мерки за да обезбеди давање хуманитарна помош на цивилите во Појасот Газа.

По нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници, убивајќи најмалку 30.717 Палестинци и ранувајќи 72.156.

Израел воведе и целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.

Израел тврди дека во нападот на Хамас се убиени 1.200 Израелци, но пилот на Израелските вооружени сили посочи на фактот дека е можно дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.

Меѓутоа, израелските напади врз Појасот Газа и понатаму продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.

AA
Популарни