Арапската група во Обединетите Нации, заедно со група амбасадори на други држави во ОН денеска остро отфрлија какви било планови за раселување на Палестинците од Газа, оценувајќи ги како кршење на меѓународното право.
„Раселувањето на Палестинците во Газа мора недвосмислено да се отфрли. Арапската група категорично го отфрла ваквото раселување, што е јасно кршење на членот 49 од Четвртата Женевска конвенција од 1949 година“, рече кувајтскиот амбасадор во ОН Тарек Ал Банаи, претседател на арапската групација во Њујорк, на прес-конференција во седиштето на ОН во Њујорк.
Неговите изјави ги поддржаа и амбасадорите на Организацијата за исламска соработка и на Движењето на неврзаните (НАМ).
Ал Банаи го пофали ставот на меѓународната заедница против присилното раселување и повика на унифицирано и недвосмислено отфрлање од земјите-членки.
Тој, исто така, претстави визија за иднината на Газа:
„Ние, арапските земји, сакаме да видиме ривиера - палестинска. Ривиера во Газа во независна и меѓународно призната држава Палестина.
Тој остро го осуди проширувањето на израелските воени акции на окупираниот Западен Брег, нарекувајќи ги еклатантно кршење на меѓународното право што мора веднаш да престане.
Ал Банаи ја истакна важноста на Резолуцијата 2735 на Советот за безбедност на ОН, нарекувајќи ја трошка надеж за ставање крај на израелската агресија врз Газа.
Тој повика на негово целосно спроведување, нагласувајќи ја потребата од итен прекин на огнот, враќање на раселените Палестинци и безбедно делење на хуманитарна помош.
Во јуни 2024 година, Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата 2735, која повикува на итен и траен прекин на огнот во Газа и отфрлање на какви било обиди за демографски или територијални промени во Појасот Газа.
Ал Банаи ги поздрави напорите за посредување на Катар, Египет и САД, велејќи:
„Целиот свет го поддржува прекинот на огнот во Газа и сите сакаме да го видиме неговото целосно спроведување за да се постигне траен мир во регионот и во светот.
Ние немаме друга татковина освен Палестина
На конференцијата се обрати и палестинскиот пратеник во ОН Ријад Мансур, кој истакна:
„Она што ни треба е отворање на вратата за мир. Ни треба политички хоризонт. Треба што поскоро да ставиме крај на оваа нелегална окупација. Медиумите прецизно да известуваат за палестинското прашање и апелира да не дозволуваат натамошни злосторства против палестинскиот народ, да не дозволуваат да ни се наметне уште една Накба, уште едно протерување од нашата татковина“, рече Мансур.
Накба, или катастрофа, е терминот што Палестинците го користат за да го опишат масовното раселување на стотици илјади Палестинци во 1948 година од страна на ционистичките сили за да се создаде држава Израел.
„Ние немаме друга татковина освен Палестина. Ја сакаме Палестина, ќе ја обновиме Газа. Ќе ја обновиме Палестина“, рече Мансур.