Џулијан Асанж е пред екстрадиција во САД, откако британската министерка за внатрешни работи Прити Пател го одобри барањето на Стејт Департментот.
„Ќе се бориме против ова. Ќе ги искористиме сите опции за жалба, Ќе го поминам секој час додека сум на нозе за да се борам за Џулијан се додека не биде ослободен, и правдата е испорачана“, истакна Стела Асанж, активистка и сопруга на основачот на Викиликс.
Поддржувачите на Асанж сметаат дека ова е мрачен ден за демократијата, слободата на изразување и новинарството. Тие посочија дека прогонот на Асажн се должи на објавата на доверливи протечени информации преку платформата „Викиликс“ и дека „посрамотениот естаблишмент и тие на моќни позиции сакаат да му се одмаздат“, пренесува Ројтерс.
„Џулијан сака да живее, со можноста да биде слободен, со неговите деца и со мене. Факт е дека ако биде екстрадиран во САД, условите во кои ќе биде подложен ќе бидат многу опресивни. Ќе го доведе до тоа да си го одзеде сопствениот живот“, порача Стела Асанж.
Опасниот преседан
Во САД, Асанж го очекува обвинение кое опфаќа 18 точки, вклучувајќи шпионажа, компјутерски криминал и завера. Доколку биде осуден може да заврши доживотно зад решетки.
„Во овој случај, судот на Обединетото Кралство не утврди дека екстрадицијата на Асанж е опресивна, неправедна или дека процесот се злоупотребува“, посочи британскиот „Хоум Офис“.
Противниците на екстрадицијата сметаат дека обвинението за шпионажа е спорно бидејќи е базирано на застарена легислатива која се применува во време на војна и наменета да спречи протекување информации или соработка со непријателот од страна на службени лица на САД.
Асанж како хакер и основач на Викиликс немал таква улога во Владата на САД, па затоа се смета дека обвинението може да биде опасен преседан кој ќе ја наруши слободата на медиумските куќи да објавуваат протечени информации, а кои се од јавен интерес.