Австралија ја поништи одлуката донесена пред четири години за признавање на западен Кудс (Ерусалим) како главен град на Израел. 

„Одлуката на Канбера од 2018 година го поткопа мирот и ја стави Австралија надвор од чекорите со други нации“, рече министерката за надворешни работи Пени Вонг.

Таа нагласи дека Австралија остана „постојан пријател“ на Израел. Нивната амбасада ќе остане во Тел Авив.

Статусот на Кудс (Ерусалим) е едно од најспорните прашања помеѓу Израел и Палестинците, потсетува Би-Би-Си.

Израелското Министерство за надворешни работи изрази „длабоко разочарување“ од одлуката на Австралија и ќе го повика својот амбасадор, јавуваат израелските медиуми.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп предизвика меѓународни критики во 2017 година кога ја смени со децении американската надворешна политика со признавањето на древниот град како главен град на Израел. Американската амбасада е преместена од Тел Авив во Кудс во мај 2018 година.

Израел го повика амбасадорот на Австралија поради одлуката за Кудс

Министерството за надворешни работи на Израел го повика австралискиот амбасадор во Тел Авив поради потезот на Камбера да ја повлече одлуката за признавањето на Кудс (Ерусалим) како главен град на Израел, јавуваат израелските медиуми.

Официјалната радио станица на израелската војска и интернет сајтот „ i24“ ја потврдија информацијата дека австралискиот амбасадор е повикан во Министерството за надворешни работи во Израел да го појасни спомнатиот потег.

Израелскиот премиер Јаир Лапид рече дека „Ерусалим (Кудс) ќе остане вечна престолнина на Израел.“

Изјавувајќи дека Австралија таа одлука ја донела како избрзан одговор на неточен извештај во медиумите, Лапид додаде: „Можеме само да се надеваме дека австралиската влада посериосно и попрофесионално ќе управува со други работи.“

Палестина ја поздрави одлуката на Австралија

Палестинските власти изразија задоволство поради потегот на Владата на Австралија да ја повлече одлуката за признавањето на Западен Кудс (Ерусалим) како главен град на Израел.

„Ја поздравуваме одлуката на австралиската влада да ја повлече претходната одлука за признавањето на Кудс како главен град на окупаторската земја Израел“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Палестина.

Истакнато е дека најновата одлука претставува „позитивна корекција на позицијата на Австралија во согласност со меѓународното право и одлуките за меѓународен легитимитет“.

TRT Balkan / агенции
Популарни