Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден изјави во средата дека американската демократиај е на удар бидејќи лажните тврдења на неговиот претходник Доналд Трамп за украдени избори покренаа опасен пораст на политичко насилство и застрашување на гласачите.
„Американската демократија е на удар бидејќи поразениот поранешен претседател на Соединетите Американски Држави одбива да ги прифати резултатите од изборите во 2020“, рече Бајден, говорејќи на собирот на Демократскиот национален комитет во Вашингтон.
Тој додаде дека Трамп одбива да ја „прифати волјата на народот и фактот дека загубил работа и ја злоупотребил власта“.
Изјавите на Бајден следуваа шест дена во пресрет на меѓуизборите во текот на кои Америка ќе избира членови на Конгресот и локалните функционери.
Американскиот претседател исто така се осврна на нападите врз сопругот на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, Пол Пелоси минатата седмица. Тој го поврза нападот со насилство кое предизвика нереди во главниот град на 6 јануари.
„Ова застрашување, ова насилство врз демократите, републиканците и непартиските функционери кои само ја работат својата работа, се последица на лагите искажани за моќ и профит“, нагласи Бајден.
Тој им порача на Американците дека се соочуваат со решавачки момент и пресвртна точка во историјата.
Американските гласачи на 8 ноември ќе одлучат дали американскиот Конгрес ќе остане под контрола на демократите или ќе го преземат републиканците.
Моментално, во Претставничкиот дом, демократите имаат мнозинство, но во Сенатот имаат 50 од 100 сенатори. Во нивна корист пресудува потпретседателката на САД Камала Харис кога бројот на гласови е 50-50.
Тоа значи дека демократите мораат да освојат 12 мандати во текот на меѓуизборните во ноември за да побараат контрола над Сенатот.
Анкетите покажуваат дека републиканците имаат големи шанси да преземат мнозинство во Претставничкиот дом, со што би можеле да ја опструираат агендата на Бајден.