Американскиот претседател Џо Бајден ја предупреди Саудиска Арабија дека ќе сноси последици откако Ријад се согласи на намалување на производството на нафта што го договори ОПЕК +, поради што дојде до раст на цените.
„Ќе има некои последици за она што го сторија со Русија“, изјави Бајден во интервју за „Си-ен-ен“ (CNN) и додаде: „Нема да навлегувам во она што го разгледуваме и што го имаме на ум, но ќе има последици“, рече претседателот на САД.
Бајден, исто така, рече дека е време официјален Вашингтон повторно да размисли за односите со Саудиска Арабија.
Организацијата на земји извознички на нафта (OPEC) и сојузниците, познати како ОПЕК +, минатата среда се договорија од ноември да го намалат производството за 2 милиони барели дневно во однос на нивото на производство од август.
На првата лична средба од март 2020 година, 23 членки на групата го одржаа 33. министерски состанок на тема во врска со обемот на производство. Групата укажа на неизвесноста на која е изложена глобалната економија и изгледите на пазарот за нафта, истакнувајќи ја „потребата да се подобрат долгорочните насоки за пазарот на нафта“.
На состанокот е продолжена Декларацијата за соработка до 31 декември 2023 година.
Следниот состанок на членките на ОПЕК и земјите кои не се членки е закажан за 4 декември.
ОПЕК + го намали дневното производство на сурова нафта за околу 10 милиони барели во април 2020 година, поради наглиот пад на побарувачка по почетокот на пандемијата на Ковид-19. Кога од април 2021 година глобалната економија и побарувачка за нафта почнаа да закрепнуваат, започна и постепеното ублажување на овие резови.
Земјите членки се согласиja да го намалат производството за 100.000 барели дневно во октомври.