Американскиот претседател Џо Бајден рече дека е сигурен оти во израелските напади во опколениот Појас Газа има цивилни жртви, но се обиде да фрли сомнеж врз официјалните бројки што ги дава Министерството за здравство на Газа.
„Немам поим дали Палестинците ја кажуваат вистината за тоа колку луѓе се загинати. Сигурен сум дека загинати се невини луѓе“, рече Бајден одговарајќи на прашање за бројот на цивилни жртви по повеќе од две недели од почетокот на израелското бомбардирање на крајбрежната енклава.
„Тоа е цената на водењето војна“, рече тој.
„Мислам дека Израелците треба да бидат многу внимателни за да бидат сигурни дека се фокусираат на тоа да тргнат по луѓето што ја пропагираат оваа војна против Израел. И тоа е спротивно на нивните интереси ако тоа не се случи. Но јас немам доверба во бројот што го даваат Палестинците“, додаде американскиот претседател.
Изјавата доаѓа по еден ден откако портпаролот на Советот за национална безбедност на Бајден понуди слична проценка на податоците на Министерството за здравство на Газа, поради неговата контрола од страна на палестинската група Хамас.
Најмалку 6.546 Палестинци загинаа во израелските напади врз Газа, објави Министерството вчера.
Многу медиумски организации, како и Обединетите нации и групите за човекови права се потпираат на бројките што ги објавува Министерството за здравство, делумно затоа што беа точни за време на минатите конфликти.
„Вашингтон пост“ вчера, по забелешките на портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, објави дека на бројките на Министерството сите се потпираат, бидејќи „тие се сметаат за најдобрите достапни“.
Се истакнува дека и Стејт департментот ги цитирал податоците на Министерството во минатото.
„Многу експерти ги сметаат бројките дадени од Министерството за веродостојни, со оглед на неговиот пристап, изворите и точноста во минатите соопштенија“, пишува „Вашингтон пост“.
Нагласува дека Газа е затворена за новинари однадвор од 7 октомври, кога Хамас започна ненадеен напад врз Израел во кој загинаа најмалку 1.400 Израелци.
Новинарите кои работат во енклавата се соочуваат со екстремни опасности во извршувањето на нивните должности, меѓу кои и известување од местото на израелските воздушни напади.
Бајден рече дека не побарал Израел да ја одложи својата копнена инвазија на Газа за да обезбеди ослободување на повеќе заложници што ги држи Хамас, но истакна дека побарал од премиерот Бенјамин Нетанјаху „ако тоа е можно, да ги извлече овие луѓе на безбедно, тоа е она што тој треба да го направи“.
„Тоа е нивна одлука, но јас не го барав тоа. Му посочив, ако е реално, треба да се направи“, рече американскиот претседател.