Средбата во Белата куќа се организира по пораката на американскиот претседател во заминување дека ќе овозможи непречена транзиција на власта / Photo: Reuters

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денеска во Белата куќа ќе се сретне со претседателот во заминување Џозеф Бајден, една недела откако тој како републикански кандидат го освои потребниот број електорски гласови за втор претседателски мандат.

Нивната средба, која е закажана за 11:00 часот по локално време се толкува како еден од неформалните чекори во транзицијата на политичката моќ, која Трамп формално ќе ја преземе на 20 јануари 2025 година по церемонија на инаугурација.

Средбата се организира по пораката на американскиот претседател во заминување дека ќе овозможи непречена транзиција на власта.

Бајден ја истакна и важноста на соработката со Трамп, неговиот претходник и наследник.

Интересен е податокот дека ваква средба меѓу Трамп и Бајден немало по изборите во 2020 година.

По неговиот пораз пред четири години, Трамп изјави дека изборите биле наместени во корист на Бајден и на демократите.

Потоа го напушти Вашингтон и не присуствуваше на инаугурацијата на Бајден.

Така, тој стана првиот претседател што го сторил тоа по Ендрју Џексон, кој ја избегнал инаугурацијата на Улис Грант во 1869 година.

Исто така, ова не е прв пат Доналд Трамп да биде учесник на слична средба.

Пред осум години, по победата на изборите во 2016 година, тој имаше деведесетминутна средба во Овалната соба со тогашниот претседател во заминување Барак Обама.

Официјално, процесот на политичка транзиција во САД не вклучува средби меѓу претседателот во заминување и новоизбраниот претседател.

Неформалната практика е воспоставена кога во 1841 година претседателот во заминување Мартин Ван Бурен го угости новоизбраниот Вилијам Хенри Харисон на вечера во Белата куќа.

TRT Balkan / агенции
Популарни