Белата куќа соопшти дека Бајден и лидерите на Г7 „недвосмислено“ ги осудуваат иранските напади / Photo: Reuters

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека не поддржува напад на Израел врз ирански нуклеарни локации, еден ден откако Иран изврши серија напади врз Тел Авив.

„Одговорот е не“, рече Бајден на прашањето дали поддржува израелски напад врз иранска нуклеарна локација, пред заминувањето во посета на Северна Каролина.

Тој истакна дека Израел има право да одговори на нападиte на Иран и дека тоа треба да го стори пропорционално.

Американскиот претседател рече дека имал повик со лидерите на Г7 и дека групата работи на изјава како одговор на нападите.

Белата куќа соопшти дека Бајден и лидерите на Г7 „недвосмислено“ ги осудуваат иранските напади.

„Претседателот Бајден ја изрази целосната солидарност и поддршка на Соединетите Американски Држави на Израел и неговиот народ, и ја потврди цврстата посветеност на САД за безбедноста на Израел“, се наведува во соопштението.

Иран во вторникот истрела 180 ракети врз Израел, за што рече дека се одмазда за неодамнешните ликвидации на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, и на командантот на Иранската револуционерна гарда.

Израел вети дека ќе одговори на нападот во момент по свој избор, нарекувајќи го „тешка, опасна ескалација“.

AA
Популарни