Американскиот претседател Џо Бајден рече дека Вашингтон му помогнал на Израел да го пронајде лидерот на Хамас, Јахја Синвар.
„Набргу по масакрите на 7 октомври, му наложив на персоналот за специјални операции и на нашите разузнавачки професионалци да работат рамо до рамо со нивните израелски колеги за да помогнат во лоцирањето и следењето на Синвар и останатите лидери на Хамас кои се кријат во Газа“, изјави Бајден мислејќи на прекуграничниот напад минатата година од страна на Хамас во кој загинаа околу 1.200 луѓе, по кој започна израелската воена офанзива во Газа во која се убиени над 42.400 Палестинци.
Изјавата дојде откако портпаролот на израелската армија, Авичај Адраи, објави дека Синвар бил убиен во воена операција во Појасот Газа.
Бајден истакна дека Синвар е одговорен за смртта на илјадници Израелци, Палестинци, Американци и граѓани од над 30 земји, обвинувајќи го и дека е организатор на нападите на 7 октомври во Израел.
„Ова е добар ден за Израел, за САД и за светот“, рече американскиот претседател.
Советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан, рече: „Со помош на американското разузнавање, многу од овие лидери, вклучително и Синвар, беа ловени и следени“.
Зборувајќи во авионот на пат кон Германија со Бајден, Саливан рече: „Синвар очигледно беше во бегство“.
Бајден, исто така, ја изрази својата поддршка за Израел во елиминацијата на раководството и воената структура на Хамас: „Хамас повеќе не е способен да спроведе уште еден 7 октомври“.
„Сега постои можност за „ден после“ во Газа без Хамас на власт, и за политичко решение кое обезбедува подобра иднина за Израелците и Палестинците подеднакво“, рече тој.
„Јахја Синвар беше непремостлива пречка за постигнување на сите тие цели. Таа пречка повеќе не постои. Но, пред нас останува многу работа“, додаде Бајден.
Во август, Синвар стана шеф на Политичкото биро на Хамас, наследувајќи го Исмаил Ханије, кој беше убиен во иранскиот главен град Техеран по церемонијата на полагање заклетва на новиот ирански претседател на 31 јули.