Харис ќе стане официјален демократски кандидат ако добие доволно гласови од делегати на Демократската национална конвенција / Photo: AA

Американскиот претседател Џо Бајден, кој се повлече од изборната трка, изјави дека ја одобри и поддржува потпретседателката Камала Харис како кандидат на Демократската партија.

Бајден на социјалните мрежи објави дека изборот на Харис за потпретседателски кандидат на изборите во 2020 година е најдобрата одлука што ја донел.

„Денес, исто така, целосно ја одобрувам и поддржувам Камала како кандидат на нашата партија“, рече Бајден, нагласувајќи ја важноста на единството во Демократската партија.

„Демократи, сега е време да се обединиме и да го поразиме републиканскиот кандидат Доналд Трамп“, рече Бајден.

Харис ќе стане официјален демократски кандидат ако добие доволно гласови од делегати на Демократската национална конвенција.

Актуелниот американски претседател Џо Бајден претходно денеска објави дека се повлекол од трката за претседател на изборите на 5 ноември.

Тој нагласи дека во најдобар интерес на Демократската партија е да се повлече од трката и да се фокусира исклучиво на исполнување на должностите на претседателот до крајот на мандатот.

„Ова беше најголемата чест во мојот живот, служејќи како ваш претседател. Додека се подготвувам да и се обратам на нацијата подоцна оваа недела и да ја објаснам мојата одлука подетално, сакам да ја изразам мојата најдлабока благодарност до сите што работеа напорно пак да бидам избран. Сакам да ѝ се заблагодарам на потпретседателката Камала Харис што беше извонреден соработник во оваа работа. Сакам да изразам искрена благодарност до американскиот народ за вербата и довербата што ми ја дадовте“, рече 81-годишниот Бајден.

Бајден се соочи со зголемени повици да се повлече во последните недели поради загриженоста за неговата возраст, здравје и способност да ја води земјата.

AA
Популарни