Џо Бајден, претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) упати писмо до новоизбраните членови на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Жељка Цвијановиќ, Жељко Комшиќ и Денис Бечировиќ по повод Денот на државноста на БиХ.
Бајден во писмото, во името на народот на САД на членовите на Претседателството на БиХ и на граѓаните на БиХ, истакна дека упатува „најубави желби по повод одбележувањето на Денот на државноста на БиХ“.
Во писмото се наведува дека САД силно го поддржуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина.
„Ги повикуваме лидерите на Босна и Херцеговина да ги остават настрана нивните разлики и да работат на градење подобра иднина за луѓето што ги претставуваат - вклучително и брзо формирање влада на сите нивоа и усвојување на реформите неопходни за обезбедување на местото на Босна и Херцеговина во евроатлантска заедница на народите“, се наведува во писмото на претседателот Бајден.
Понатаму во писмото, Бајден наведува дека во годината што претстои, се радува на зајакнување на пријателството меѓу граѓаните на двете земји и продлабочување на меѓусебната соработка, вклучувајќи ја безбедноста, енергетската диверзификација и борбата против корупцијата.
„САД ќе продолжат да го поддржуваат мирот, безбедноста и просперитетот во Босна и Херцеговина за сите нејзини граѓани“, заклучува Бајден во своето писмо по повод Денот на државноста на Босна и Херцеговина.