Вештачката интелигенција нуди огромен потенцијал за подобрување на иднината на човештвото, но нејзината најглавна употреба денес е за уништување цивили, рече денес Селчук Бајрактар, претседателот на Фондацијата Т3 и организатор на главниот технолошки настан во Туркије, ТЕХНОФЕСТ.
Бајрактар говорејќи во Адана, Туркије направи паралела помеѓу вештачката интелигенција и нуклеарната енергија, истакнувајќи дека нуклеарната енергија, која може да ја осветли планетата и да се бори против климатските промени, првпат е употребена за атомските бомби.
„Сличен процес се случува и со вештачката интелигенција“, рече тој, предупредувајќи дека технологијата се користи за смртоносни цели.
Бајрактар го наведе детонирањето на пејџерите и уредите за безжична комуникација во Либан минатиот месец, инцидент за кој Бејрут и Хезболах го обвинија Израел, како пример на „монструозни терористички акти каде бомби се поставени во секојдневни предмети, како телефони и слушалки, за да се убијат цивили.”
„Неприфатливо е вештачката интелигенција да се користи за убивање на повиени бебиња, и како ТЕХНОФЕСТ ќе се спротивставиме на тоа“, изјави тој.
Цитирајќи го филозофот Антонио Грамши, Бајрактар истакна: „Стариот свет умира, а новиот свет се бори да се роди: сега е време на чудовишта“. Тој предупреди дека глобалниот поредок сѐ повеќе се дефинира преку моќ, насилство и суровост наместо преку мир, правда и милост.
Тој ја истакна трагичната ситуација во Газа, каде што, како што рече, „се масакрираат бебиња, деца и невини цивили додека светот гледа“. Институциите наменети за зачувување на мирот и правдата, вклучително и Обединетите нации (ОН), не успеаја, додаде тој, критикувајќи ја ерозијата на водечките рамки како Декларацијата за човекови права и Женевската конвенција.
Растечкото влијание на ТЕХНОФЕСТ
Бајрактар се осврна и на достигнувањата на ТЕХНОФЕСТ, истакнувајќи дека во текот на изминатите седум години, учесниците основале над 150 компании, а некои од нив вршат извоз во 21 земја, и обезбедиле инвестиции вредни милиони лири.
Тој потсети дека настанот, кој се одржа деветпати во Туркије и на меѓународно ниво во Азербејџан, беше домаќин на 10 милиони луѓе, со четири милиони пријавени апликанти.
За 2024 година, 1,6 милиони луѓе аплицирале да се натпреваруваат на 50 полиња, од нуклеарната енергија до финтех, воздухопловната одбрана и блокчејнот.
ТЕХНОФЕСТ планира да се прошири во Турската Република Северен Кипар, туркиските републики и другите пријателски народи во наредните години, најави Бајрактар.
Овогодинешното издание на ТЕХНОФЕСТ започна денес во Адана и ќе трае до недела.