Белгија најави дека ќе интервенира во случајот што Јужна Африка го покрена против Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), обвинувајќи го за геноцид, јавува Anadolu.
Според извори од МНР, Белгија одлучила да достави сопствено толкување на членот 2 од Конвенцијата на Обединетите нации (ОН) за спречување и казнување на геноцид од 1948 година, со која се дефинира кривичното дело геноцид.
Белгискиот министер за надворешни работи Хаџа Лахбиб изјави дека Белгија сака да учествува во овој случај пред МСП.
„На 7 февруари, Меѓународниот суд на правдата испрати писмо до државите потписнички на Конвенцијата од 1948 година, вклучително и Белгија, во кое се наведува дека може да се вклучи во толкувањето на Конвенцијата во контекст на овој случај. Белгија сака да учествува во ова и споделува сопствено толкување на членот 2 од Конвенцијата. Овде не се работи за тоа да се биде за или против едната или другата страна. Неопходно е да се зајакне универзалноста на меѓународните договори“, рече Лахбиб.
Изворите велат дека содржината и датумот се уште не се утврдени, а процесот може да трае со месеци.
На 26 јануари, по тужбата за геноцид поднесена од Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убиства, напади и уништување на жителите на Појасот Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Сепак, нападите продолжуваат со несмалено темпо, а испораката на помош останува недоволна за справување со хуманитарната катастрофа.
Од 7 октомври минатата година, најмалку 31.112 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа.