Ракети се исфрлаат од подрачјата од кои се повлекува војската, тврди израелскиот министер / Photo: AA

Израелскиот крајно десничарски министер за национална безбедност, Бен Гвир, денес повторно повика на иселување на Палестинците од Појасот Газа.

„По војната мора да останеме во Појасот Газа, да го контролираме и да поттикнуваме доброволна миграција на стотици илјади жители на Газа“, рече Бен Гвир за израелскиот јавен сервис КАН.

Министерот од редовите на крајната десница го повтори своето противење на повлекувањето на силите на израелската војска од северните делови на Појасот Газа.

„Ракети се исфрлаат од подрачјата од кои се повлекува војската“, тврди израелскиот министер.

Неколку тврдокорни официјални претстаници во Владата на Бенјамин Нетанјаху, меѓу кои и Бен Гвир и министерот за финансии Безалел Смотрич, повикаа на охрабрување за „доброволна миграција“ на Палестинците од Појасот Газа.

Претходно овие повици наидоа на остри критики од западните земји, вклучително и САД, Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Холандија, Словенија и Европската Унија.

Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.

Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 24.620 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 61.830 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.

AA
Популарни