Американскиот сенатор Берни Сандерс ја поздрави суспензијата на администрацијата на претседателот Бајден на испорака на оружје за Израел поради несогласувањата околу нападот врз Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

„Со оглед на невидената хуманитарна катастрофа што војната на Нетанјаху ја создаде во Газа, каде што стотици илјади деца се соочуваат со глад, претседателот Бајден е апсолутно во право што ја запре испораката на бомбите до оваа екстремна, десничарска израелска влада“, соопшти Сандерс.

Неговите изјави уследија откако САД запреа значителна испорака на оружје за Израел поради загриженоста за нивната потенцијална употреба во Рафа, која е прибежиште на 1,5 милиони раселени Палестинци.

Американски функционер, кој побара да остане анонимен, откри дека пратката вклучува 1.800 бомби од над 900 килограми и 1.700 бомби од над 200 килограми.

„САД сега мора да ги искористат сите свои моќи за да побараат итен прекин на огнот, крај на нападите на Рафа и итна испорака на огромни количини хуманитарна помош за луѓето кои живеат во очај.

„Нашата моќ е јасна. Со текот на годините, САД обезбедија воена помош од десетици милијарди долари за Израел. Не можеме повеќе да бидеме соучесници во ужасната војна на Нетанјаху против палестинскиот народ“, додаде тој.

Секретарот за одбрана Лојд Остин рече дека САД од самиот почеток биле многу јасни дека Израел не треба да изврши голем напад во Рафа без претходно да ги земе предвид и да ги заштити цивилите на бојното поле.

„Како што ја проценивме ситуацијата, паузиравме една пратка муниција со голема носивост. Сигурно би сакале да не дојде до голема борба во Рафа“, рече тој.

AA
Популарни