Соединетите Американски Држави (САД) треба да престанат да ја финансираат војната на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Појасот Газа, изјави сенаторот Берни Сандерс, јавува Анадолу.
„Оваа недела: 19 лица загинаа и голем број се повредени во напад врз 'хуманитарната зона' во Газа. Американка застрелана во глава на Западниот Брег. Сега бомбардирано уште едно училиште, при што се убиени 14 луѓе, вклучително и шестмина хуманитарни работници на Обединетите нации. Доста е! Доста се даваат пари за воената машина на Нетанјаху“, истакна Сандерс преку платформата X.
Израелските сили смртно ја застрелаа турско-американската активистка Ајшенур Езги Ејги (26) минатиот петок за време на протестот против илегалните еврејски населби во градот Беита, близу Наблус.
Застрелувањето на Ејги предизвика реакции низ светот, а пукањето во Ејги од израелски снајперист американскиот претседател Џо Бајден го нарече „несреќен случај“, додавајќи дека куршумот наводно „се одбил од земјата и таа била погодена“.
Подоцна Бајден, кој сè уште не разговарал со нејзиното семејство за да изрази сочувство, рече дека е „револтиран и длабоко тажен“ поради убиството, додавајќи: „Мора да има целосна одговорност. И Израел мора да стори повеќе за да се осигури дека инциденти како овој никогаш повеќе да не се случат.“
Сандерс долго време ја критикува администрацијата на Бајден за давањето поддршка на Израел во неговата тековна војна во блокираниот Појас Газа, каде што од минатиот 7 октомври се убиени повеќе од 41.000 луѓе, главно жени и деца.