Билстром: Посветени сме на исполнување на обврските од Договорот за НАТО / Photo: AA

Стокхолм е посветен на исполнување на сите обврски од Договорот за НАТО, за решавање на безбедносната загриженост на Туркије, изјави шведскиот министер за надворешни работи, Тобијас Билстром. „Ќе направиме сè што кажавме дека ќе направиме во рамките на овој меморандум, до последен збор, сè додека тоа е во рамките на Уставот на Шведска и законодавството, и принципите на владеење на правото“, рече Билстром.

Изјавите на Билстром уследија по неговата средба со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во главниот град Анкара, каде што разговараа за билатералните односи и процесот за членство на Шведска во НАТО.

Шведска и Финска официјално поднесоа барање за приклучување кон НАТО во мај, со тоа напуштајќи ја децениската воена неутралност, одлука поттикната од руската војна против Украина која започна на 24 февруари.

Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, изрази приговори, обвинувајќи ги двете земји дека толерираат, дури и поддржуваат терористички организации, како ПКК и ФЕТО.

Во јуни Туркије и двете нордиски земји потпишаа меморандум на Самитот на НАТО за решавање на легитимните безбедносни грижи на Анкара, отворајќи го патот за нивно членство во Алијансата.

Билстром истакна дека Шведска досега во Туркије екстрадирала три лица, меѓу кои и припадник на терористичката организација ПКК.

„Шведска ќе има нов амандман во Уставот од Нова година, што ќе овозможи донесување построги антитерористички закони“, рече тој.

„Чекор по чекор ги исполнуваме нашите обврски во рамките на меморандумот и сигурен сум дека цените дека измена на Уставот е голема работа. Тоа е голема работа за секоја земја, но ние го правиме ова затоа што се обврзавме да ја подобриме нашата способност за борба против тероризмот и тоа го правиме рака под рака со Туркије“, истакна Билстром.

Стокхолм ја разбира загриженоста на Туркије

„На Шведска сега ѝ е многу појасно за проблемите со кои се соочува Туркије кога станува збор за тероризмот“, рече Билстром, додавајќи дека меморандумот имал „отрезнувачки ефект“.

„...Туркије, земјата која со децении е подложена на тероризам, неодамна, во ноември, претрпе уште еден терористички напад на нејзина територија. Тоа се случи во една од најфреквентните улици во Истанбул. Ние можеме да го разбереме ова и ние можеме да ги разбереме грижите што ова ги има создадено во турското општество“, додаде шведскиот министер.

Тој истакна дека активностите на ПКК треба да бидат забранети не само поради меморандумот, туку и затоа што Шведска е земја членка на ЕУ, која ја има прогласено ПКК како терористичка организација.

Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, вклучувајќи деца и жени.

„Сè што е предвидено во меморандумот, ние ќе го исполниме. А кога тоа ќе се направи, тоа го отвора патот за подобрување на односите меѓу Туркије и Шведска, не само за приемот во НАТО. Тоа е една работа и тоа е важно“, рече Билстром.

„Ние, исто така, ќе можеме да направиме многу работи заедно и сакаме да го направиме тоа и ова е моето ветување и до турскиот народ бидејќи седиме овде денеска само неколку дена пред 1 јануари, кога ќе го промениме нашиот Устав. Ова го правиме со добра волја и го правиме затоа што знаеме дека тоа е важно и за вас, не само за нас“, порача шведскиот министер.

Во врска со Русија, Билстром рече дека без Шведска и Финска, ќе биде многу тешко за НАТО да ги одржи своите амбиции во однос на безбедноста на своето северно крило.

„Сосема е јасно, со толку блиска руска закана би било многу корисно за нас, би било императив да се приклучиме кон НАТО. Ние, исто така, ќе му понудиме на НАТО многу добри работи...“, додаде тој.

AA
Популарни