Блинкен и Галант оствариле телефонски разговор / Фото: AP

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен му рече на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант дека Соединетите Американски Држави (САД) „ќе застанат зад Израел против какви било закани од Иран и неговите застапници“.

Блинкен и Галант оствариле телефонски разговор, соопшти портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, додавајќи дека разговарале и за „тековните напори да се обезбеди ослободување на сите заложници преку договор за итен прекин на огнот во Газа“.

„Секретарот Блинкен ги поздрави неодамнешните најави на Израел за итни чекори за олеснување на влезот на хуманитарната помош во Газа и за подобрување на хуманитарната деконфликтност и координација, повторувајќи дека инцидентите како нападот на хуманитарните работници на Светската централна кујна (World Central Kitchen) никогаш не смеат да се повторат“, рече Милер.

Блинкен, исто така, ги сподели очекувањата на САД од Израел „брзо да ги спроведе своите обврски за хуманитарната помош и деконфликт и дека тие обврски мора да се одржат со текот на времето“.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно вчера предупреди дека посветеноста на Вашингтон кон безбедноста на Израел во однос на заканите од Иран и неговите застапници е „железна“ откако Техеран вети одмазда за израелскиот воздушен напад врз неговиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск.

„Ќе направиме сѐ што можеме за да ја заштитиме безбедноста на Израел“, рече Бајден за време на заедничката прес-конференција со јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Размената на закани меѓу Израел и Иран ги зголеми тензиите, а израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, упати строго предупредување во објава на социјалните мрежи.

Во објава на мрежата X, напишана на хебрејски и персиски, директно тагирајќи го врховниот лидер на Иран Али Хамнеи, Кац рече дека неговата земја ќе се одмазди ако Иран започне напад врз Израел од негово тло.

Галант, исто така, рече дека секоја агресија против неговата земја ќе биде дочекана со цврста одбрана проследена со силен одговор на територијата на напаѓачот.

Неговите коментари дојдоа веднаш по изјавите на Хамнеи во Техеран, кој во обраќање во пресрет на празникот Бајрам по повод крајот на месецот на муслиманскиот пост Рамазан, рече дека „злобниот режим направи грешка и мора да биде казнет, и ќе биде“.

Најмалку 13 лица загинаа во нападот, меѓу кои и седум офицери на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), за што иранските власти го обвинија Израел.

AA
Популарни