Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес ги повика сите страни на Блискиот Исток да ги деескалираат тензиите и итно да постигнат прекин на огнот во Газа, каде што Израел од 7 октомври уби повеќе од 39.000 Палестинци.
Неговиот повик доаѓа во период на стравување од избувнување поширок конфликт во регионот по двојните напади во Бејрут и Техеран, во кои беа убиени командантот на Хезболах, Фуад Шукр, и лидерот на Хамас, Исмаил Ханије. Иако Израел ја презеде одговорноста за убиството на Шукр, тој не го коментираше нападот врз Ханије.
„Што се однесува до Блискиот Исток, во моментов регионот е на пат кон мултиплицирање на конфликтите, насилството, страдањата и несигурноста. Од суштинско значење е да се прекине овој циклус, а тоа започнува со прекин на огнот на кој работиме“, рече Блинкен на прес-конференцијата во Монголија.
Тој додаде дека сите страни треба да избегнуваат чекори на ескалација за да се спречи натамошно разгорување на конфликтот.