Блинкен, сепак, ја истакна важноста на постигнувањето прекин на огнот / Photo: AA

Вашингтон „не знаеше ниту е вмешан во“ атентатот врз лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, изјави денес американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Изјавата од Вашингтон дојде неколку часа откако Ханије е убиен во иранскиот главен град Техеран.

„Многу е тешко да се шпекулира и во текот на многуте години научив никогаш да не шпекулирам за влијанието што еден настан може да го има врз нешто друго“, рече Блинкен.

Тој одговараше на прашањата на сингапурската телевизија ЦНА дали убиството на Ханије ќе влијае врз тоа каков напредок ќе има израелската војна во Газа.

Блинкен, сепак, ја истакна важноста на постигнувањето прекин на огнот во опколената палестинска енклава во која војната трае веќе 10 месеци.

Шефот на американската дипломатија престојува во дводневна посета на Сингапур.

Претходно денес Хамас соопшти дека Ханије, шефот на неговото Политичко биро, е убиен во израелски воздушен напад чија цел била резиденцијата во која престојувал во иранскиот главен град.

Атентатот го нарече „подмолен ционистички напад“.

Палестинскиот лидер вчера, пред да биде убиен, учествуваше на церемонијата за инаугурација на новиот претседател на Иран.

Иранскиот елитен корпус на Исламската револуционерна гарда, исто така, го потврди инцидентот. Засега нема коментар од Израел за инцидентот.

Според иранската новинска агенција Мехр, атентатот се случил околу 2 часот по полноќ по локално време.

Ханије „престојуваше во една од резиденциите на воените ветерани на северот на Техеран“, објави агенцијата.

Палестинскиот лидер загина како „шехид откако проектил го погоди местото каде што престојуваше“, се додава.

AA
Популарни