Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се сретна со семејството на Ширин Абу Аклех, новинарката која беше застрелана во мај додека известуваше за израелско-палестинскиот конфликт за „Ал Џезира“.
„Денеска се сретнав со семејството на убиената палестинско-американска новинарка Ширин Абу Аклех, чие бестрашно новинарство ѝ донесе почит од публиката низ светот. Изразив длабоко сочувство и посветеност да барам одговорност за нејзиното трагично убиство“, напиша тој на Твитер.
Блинкен сподели и фотографии од средбата.
Абу Аклех, 51-годишна палестинско-американска новинарка, беше застрелана на 11 мај додека известуваше за нападот на израелската војска во близина на бегалскиот камп „Џенин“ на окупираниот Западен Брег.
Додека палестинските власти и „Ал Џезира“ го обвинија Израел за убиството на новинарката, Тел Авив негира каква било одговорност.
Претходно, семејството остро ги критикуваше резултатите од истрагата во која САД ги избегнаа забелешките според кои Израел е одговорен за нејзиното убиство.
„Ние, семејството на Ширин Абу Аклех, пишуваме за да ја изразиме нашата тага, гнев и чувство на предавство во врска со грозоморниот одговор на вашата администрација за нелегалното убиство на нашата сестра и тетка од страна на израелските сили на 11 мај 2022 година, додека бевме на задача во окупираниот град Џенин на Западниот Брег“, велат членовите на семејството во долгото писмо до американскиот претседател Џо Бајден.
Во него се нагласува дека новинарката, која исто така била американска државјанка, била убиена од израелски куршум во главата, и покрај тоа што носела заштитна кацига и син панцир со ознака „прес“.