Блинкен: Страните во конфликтот во Судан се согласија на тридневно примирје / Photo: AA

Генералите на страните во конфликтот во Судан се согласија на тридневен прекин на огнот за да се запре ескалацијата на насилството во источноафриканската држава, соопшти американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Блинкен рече дека „интензивните преговори“ довеле до договор меѓу Суданските вооружени сили (САФ), предводени од генералот Абдел-Фатах Бурхан, и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) на генералот Мухамед Хамдан Дагал, попознат како Хемедти.

„Во текот на овој период Соединетите Американски Држави ги повикуваат САФ и РСФ веднаш и целосно да го одржат прекинот на огнот“, соопшти Блинкен.

Американскиот државен секретар додаде: „За да се поддржи трајното ставање крај на борбите, Соединетите Американски Држави ќе се координираат со регионалните и меѓународните партнери и суданските цивилни актери за да помогнат во формирањето одбор што ќе ги надгледува преговорите, склучувањето и спроведувањето на трајниот прекин на непријателствата и хуманитарни аранжмани во Судан.“

САД во текот на викендот ја затворија својата Амбасада во Картум и го евакуираа својот персонал од земјата бидејќи насилствата продолжија. Вашингтон во моментов ги истражува опциите за продолжување на својата дипломатска активност во земјата, потенцијално со ново присуство со седиште во градот Порт Судан на Црвено Море, соопшти вчера Стејт департментот.

Најмалку 413 лица загинаа, а 3.551 се ранети од 15 април, кога избија судирите во главниот град Картум и другите градови меѓу Вооружените сили на Судан и РСФ, кои војската ги прогласи за побуненичка група.

Судан е без функционална власт од октомври 2021 година, кога војската ја смени преодната Влада на премиерот Абдала Хамдок и прогласи вонредна состојба во она што политичките сили го нарекоа „пуч“.

TRT Balkan / агенции
Популарни