1461 компанија од 55 земји во светот учествуваат на Меѓународниот саем за одбранбена индустрија (ИДЕФ'23), еден од најголемите светски собири на одбранбената индустрија, кој беше отворен денеска во Истанбул.
ИДЕФ, стана важна платформа за промоција, маркетинг и соработка во областа на одбраната и безбедноста и по 16-ти пат ги отвори вратите во Конгресниот центар ТУЈАП.
Саемот се одржува под покровителство на Претседателството на Туркије, домаќин е Министерството за национална одбрана, а во организација на ТУЈАП и Фондацијата за зајакнување на вооружените сили на Туркије.
На церемонијата на отворањето на Саемот, кој ја претставува меѓународната платформа на турската одбранбена индустрија, присуствуваа потпретседателот на Туркије, Џевдет Јилмаз, министерот за национална одбрана Јашар Ѓулер, министерот за индустрија и технологија Мехмет Фатих Качир и многу други домашни и странски високи претставници.
Шефот на Канцеларијата за воена индустрија при Претседателството на Туркије, Халук Горгун, изјави дека, како и на претходните саеми на ИДЕФ, турските компании од одбранбената индустрија, како и меѓународните, ќе ги изложат своите најнови технолошки платформи и системи, додавајќи дека ќе бидат потпишани многу договори и ќе бидат поставени темели на нова соработка.
Туркије во светскиот врв во следните 10 години
Ѓоргун нагласи дека бројот на земји во кои се извезуваат производи од турската одбранбена индустрија е зголемен на 170, а разновидноста на извезени производи на 230.
„Нашата земја, која прави значајни чекори на полето на одбранбената индустрија, како и на секое друго поле, од една страна ја зголемува својата конкурентска сила на светскиот пазар на одбранбената индустрија, а од друга страна работи со сите сили под водство на нашиот претседател за безбедност и стабилност во својот регион. Се надевам дека динамиката на успехот што го постигнавме со ланскиот рекорден извоз од 4,4 милијарди долари ќе ја пренесеме на многу повисоко ниво оваа година. Наша цел е да бидеме една од најважните земји во светот во областа на одбранбената индустрија во следните 10 години“, рече Ѓоргун.
Садик Пијаде, вршител на должноста генерален директор на Фондацијата за зајакнување на турските вооружени сили, рече дека ИДЕФ се претвори во важна меѓународна платформа за промоција, маркетинг и соработка во областа на одбранбената индустрија.
„ИДЕФ зазеде место меѓу четирите најголеми саеми за одбранбена индустрија во светот. Покрај тоа што сме домаќини на вкупно 1.461 компанија, од кои 689 домашни и 772 странски, на нашиот Саем гостуваат и 189 делегации од 81 земја“, објасни Пијаде.
Презентирани најновите производи
ИДЕФ, кој е меѓу четирите најдобри светски саеми на одбранбената индустрија по бројот на компании учесници, привлекува внимание како најголем светски саем на одбранбената индустрија во однос на водењето преговори.
Како и претходните години, многу производи развиени во рамките на турската одбранбена индустрија првпат беа изложени на ИДЕФ. На Саемот се претставени и нови верзии на различни претходно развиени производи.
На Саемот се изложени голем број производи, вклучително оклопни борбени возила, тактички оклопни возила, беспилотни копнени, воздушни и поморски возила, вооружени системи, проектили, наведувани проектили, пешадиско оружје, воени симулатори, решенија за електронско војување и опрема за отстранување експлозивни направи.
Во рамките на ИДЕФ ќе се одржат различни состаноци за соработка меѓу домашни и странски официјални делегации и компании учесници на Саемот. Дополнително, ќе бидат потпишани договори за важни проекти што се на агендата на турската одбранбена индустрија.
Меѓународниот саем за одбранбена индустрија, еден од најголемите собири на одбранбената индустрија во светот, завршува на 28 јули.