Боливија ги прекина дипломатските односи со Израел во знак на протест поради нападите врз Појасот Газа и во 2009 година / Photo: AA

Власта на Боливија ги прекина дипломатските односи со Израел во знак на протест поради бруталните израелски напади врз блокираниот палестински Појас Газа.

„Ја објавуваме нашата одлука како повеќенационална држава Боливија, дека ги прекинуваме дипломатските односи со Израел“, соопшти Марија Нела Прада, министерката од Претседателството на Боливија.

Прада истакна дека Боливија го обвинува Израел дека сторил злосторство против човештвото и бара прекин на нападите врз Газа, каде што се убиени илјадници цивили.

„Одлуката е донесена во знак на отфрлање и осуда на агресијата и несразмерната израелска воена офанзива, како и заканата врз меѓународниот мир и безбедност“, рече Фреди Мамани, заменик-министерот за надворешни работи на Боливија.

Боливија ги прекина дипломатските односи со Израел во знак на протест поради нападите врз Појасот Газа и во 2009 година.

Повторно беа воспоставени во 2020 година, за време на владеењето на претседателката Жанин Ањес, која изминатата недела се соочи со обвинение за убиство на демонстрантите по претседателските избори во Боливија 2019 година.

AA
Популарни