Четворицата кои изгореа до смрт во последниот напад на шаторскиот камп се додадени на десетиците илјади Палестинци кои беа убиени од бомбардирање и глад во Појасот Газа, кој беше цел на брутални израелски напади и блокада повеќе од една година.
Застрашувачки снимки од Палестинци изгорени до смрт во пожар што избувна како резултат на бомбардирање од дрон врз шаторите на раселените Палестинци во кампусот на Болницата „Маченици Ал Акса“ во градот Деир ал Балах, беа објавени во понеделникот на социјалните мрежи.
Палестинецот Шабан Далу, кој имал само 20 години, бил снимен како гори во пламен и ги крева рацете барајќи помош, но околината не можела да го спаси поради интензитетот на пламените јазици и немањето ресурси да интервенира во пожарот.
Во нападот изгорела и неговата мајка. Покрај четворицата загинати во овој израелски напад, повеќе од 40 Палестинци се повредени со изгореници од различен степен.
Израелската армија призна дека го извршила нападот врз шаторите, но се обиде да го легитимира масакрот на цивилите, оправдувајќи се во своите изјави, како што тоа секогаш го прави по нападите врз училиштата и болниците.
Израел повторно тврдеше дека на местото имало вооружени членови на Хамас.
Сведок на живата клада
Братот на Палестинецот Далу со голема тага ги опиша на репортерот на Анадолу Агенција моментите кога изгореа неговиот брат и мајка.
„Шабан ми беше поддржувач, пријател, брат и придружник. Тоа е голема загуба за мене“, изјави ожалостениот Далу.
Наведувајќи дека неговиот брат бил полесно повреден за време на израелскиот напад на џамијата пред болницата минатата недела, ожалостениот брат рече дека нападот на шаторот се случил час и половина по полноќ.
„Во 1.30 часот беше бомбардиран шаторот во кој спиеја брат ми и мајка ми, јас бев во соседниот шатор. Таков хорор во животот не сум доживеал и не можев ништо да направам. Ги гледав мајка ми и брат ми како горат пред мои очи, но не можев да ги спасам. Најболната сцена таа вечер беше тоа што никој не можеше да му помогне и дека гореше пред сите. Пламените јазици проголтаа се и никој не можеше да им се приближи поради огромниот пожар“, вели ожалостениот Палестинец.
Нивната сестра исто така е повредена и е во болница, исто како и нивниот татко, кој е во медицинската болница Насер во Кан Јунис.
Починатиот Далу бил студент и сонувал да стане програмер.
Ужалениот Палестинец нагласи дека во израелскиот напад изгореле неговиот брат и мајка, како и сите нивни соништа.
Трогателна објава на социјалните мрежи
Неколку дена пред смртта, Шабан Далу ја изрази својата болка на Инстаграм додека го рецитираше Куранот.
„Порано имав големи соништа, но војната ги уништи тие соништа и ме направи физички и психички болен. Депресијата поради постојаната траума ми предизвика да ја загубам косата“, вели Далу во тоа видео.
Изразувајќи надеж за посветла иднина за палестинскиот народ и децата, Шабан ги повика луѓето да ги поддржат раселените и да ги ублажат нивните страдања.
Неговиот брат за новинарот на АА изјави дека Шабан го меморирал Куранот и се обидува да изгради подобра иднина за своето семејство.
„Една недела пред неговата смрт, Шабан го рецитираше Куранот до еден часот по полноќ во џамијата спроти Болницата „Мачениците Ал Акса“. Околу половина час подоцна воени авиони ја нападнаа џамијата, но тој за чудо го преживеа тој напад“, рече неговиот брат.
Израел ја погоди џамијата во која престојуваше Шабан, неколку часа по нападот на училиштето за муфтии, во кое се сместени илјадници раселени лица во бегалскиот камп Нусајрат, при што загинаа 22 Палестинци, меѓу кои 15 деца, а 80 други беа повредени.
Од почетокот на израелскиот геноцид врз Појасот Газа, Палестинците се подложени на присилна миграција.