Американската и британската морнарица го одбиле „најголемиот напад“ од јеменските Хути во Црвеното Море, соопшти во средата британското Министерство за одбрана.
„Во текот на ноќта, ХМС ДАЈМОНД (HMS DIAMOND), заедно со американските воени бродови, успешно го одбија досега најголемиот напад од Хутите поддржани од Иран во Црвеното Море“, се вели во соопштението на Министерството.
„Со проектилите Си Вајпер (Sea Viper) и топовите ДАЈМОНД уништи повеќе беспилотни летала што се упатија кон бродот и комерцијалните бродови во областа, без оштетувања на ДАЈМОНД или повреди на неговиот екипаж“, се додава во соопштението.
САД во вторникот соопштија дека собориле 21 беспилотно летало и проектили лансирани од Хутите. Како што е наведено, станува збор за 18 беспилотни летала ОВА (OWA), две анти-бродски крстаречки ракети и една балистичка ракета.
Ова беше 26-ти напад на Хутите врз комерцијалните бродски патеки во Црвеното Море од 19 ноември, напиша американската централна команда на X, додавајќи дека нема пријавени повредени или штета.
Британското Министерство за одбрана рече: „Велика Британија заедно со сојузниците претходно јасно ставија до знаење дека овие нелегални напади се целосно неприфатливи и доколку продолжат Хутите ќе ги сносат последиците“.
Во заедничка изјава минатата недела, САД, Австралија, Бахреин, Белгија, Канада, Данска, Германија, Италија, Јапонија, Холандија, Нов Зеланд и Велика Британија повикаа на итен прекин на „незаконските напади“ и ослободување на незаконски приведени пловни објекти и екипажи.
Хутите гаѓаа бродови во јужното Црвено Море и предупредија дека ќе ги нападнат сите бродови кои пловат кон Израел.
Тие велат дека нападите се за поддршка на Палестинците додека се соочуваат со израелската „агресија и опсада“ во Газа.
Црвеното Море е еден од најчесто користените поморски патишта во светот за испорака на нафта и гориво.