Бродот од украинското пристаниште Одеса стигна до Истанбулскиот Теснец / Photo: AA

Бродот „Јозеф Шулте“, кој на почетокот на неделава исплови од украинското пристаниште Одеса, пристигна во Истанбулскиот Теснец.

Ова е прв брод што го напушти пристаништето Одеса откако Русија се повлече од Црноморската иницијатива за жито минатиот месец.

Бродот под знаме на Хонг Конг влезе во Истанбулскиот Теснец преку Црно Море во 06:10 часот по локално време.

Бродот натоварен со контејнери ќе биде закотвен во пристаништето Амбарли во Истанбул.

Министерот за инфраструктура на Украина, Олександар Кубраков, вчера изјави дека првиот брод го напуштил пристаништето Одеса во средата по суспензијата на Иницијативата за жито преку Црно Море во средината на јули.

„Контејнерскиот брод 'Џозеф Шулте', под знаме на Хонг Конг, плови низ коридорот воспоставен за цивилни бродови од пристаништата на Украина во Црно Море. Овој транспортен коридор првенствено ќе се користи за евакуација на бродовите што се наоѓале во пристаништата во времето на руската инвазија“, рече Кубраков на социјалната мрежа Х.

Русија на 17 јули го суспендира учеството во Црноморскиот договор за жито, кој го потпиша минатиот јули со Туркије, Обединетите нации (ОН) и Украина, за да дозволи извоз на жито од три украински пристаништа на Црно Море по руско-украинската војна што започна во февруари минатата година. При обновувањето на Договорот во претходните месеци официјална Москва се пожали дека не се спроведува рускиот дел од Договорот.

Анкара презеде интензивни дипломатски напори за да продолжи со спроведувањето на Црноморскиот договор за жито. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно го покани рускиот лидер Владимир Путин во Туркије во август за да разговараат за Договорот.

TRT Balkan / агенции
Популарни