Чавушоглу ја најави можноста за именување турски амбасадор во Египет / Photo: AA

Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, ја најави можноста за именување турски амбасадор во Египет во текот на наредните месеци.

„Политичките консултации меѓу заменик-министрите наскоро би можеле повторно да бидат закажани. Амбасадорот би можел да биде именуван во наредните месеци“, изјави Чавушоглу во разговор со група новинари во Анкара.

Говорејќи за кандидатурите на Шведска и Финска за прием во НАТО, Чавушоглу изјави дека утре ќе се одржат билатерални состаноци со колегите во рамките на состаноците на министрите за надворешни работи на Алијансата во романскиот главен град Букурешт.

„Ќе се состанеме со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли. Утре во Букурешт ќе се состанеме и со шведскиот и финскиот министер за надворешни работи во трипартитен формат“, најави Чавушоглу.

„Шведска и Финска допрва треба да преземат конкретни чекори во рамките на трилатералниот меморандум“, изјави турскиот министер, истакнувајќи дека Шведска е земја која треба да преземе повеќе чекори.

Финска и Шведска на 28 јуни на самитот на НАТО во Мадрид потпишаа трилатерален меморандум за разбирање со Туркије, ветувајќи дека ќе ја решат безбедносната загриженост на Анкара поради нивниот став кон терористичките организации ПКК и ФЕТО, со што го отворија патот на своето членство во НАТО.

Запрашан за процесот со Сирија, Чавушоглу нагласи дека главна цел на Туркије е завршување на граѓанската војна во Сирија.

„Го продолжуваме процесот со сириската опозиција. Опозицијата исто така учествува во преговорите во Астана заедно со режимот на Асад“, изјави тој, додавајќи дека Туркије исто така има за цел оживување на политичкиот процес, вклучувајќи ги и преговорите за уставот.

„Ова е дел од ангажманот. Уставниот одбор мора да направи напредок. Но тука нема напредок“, додаде Чавушоглу.

TRT Balkan / агенции
Популарни