Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес остро го осуди упадот на израелската полиција во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс).
Пред новинарите во Брисел, по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, Чавушоглу изјави дека Израел ја нарушил светоста на комплексот за време на светиот муслимански месец Рамазан и „презеде чекор што ќе го наруши неговиот историски статус“.
Денес израелската полиција соопшти дека привела 350 Палестинци од комплексот на џамијата „Ал Акса“, а очевидци велат дека полицијата употребила прекумерна сила, вклучително и солзавец.
Израел го окупира Источен Ерусалим за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Го анектира целиот град во 1980 година, потег што никогаш не беше прифатен од меѓународната заедница.
„Ги предупредивме да спречат такви провокации, особено во текот на Рамазан, за време на посетата на израелскиот министер за надворешни работи, Ели Коен, на Туркије по земјотресите на 6 февруари и неговата средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, нагласи Чавушоглу.
„Израел треба веднаш да ги прекине ваквите напади“, истакна турскиот министер.
Потсетувајќи дека процесот на дијалог со Израел е рестартиран, Чавушоглу рече: „Но нашиот ангажман со Израел секако не може да се случува на сметка на палестинската кауза“ и додаде: „Во тој поглед, ние никогаш не правиме компромис за нашите принципи или нашите верувања.“
По земјотресите, Израел беше една од првите земји што прати помош за Туркије.
Министерот за надворешни работи на Египет ќе ја посети Туркије
Турскиот министер Чавушоглу изјави дека начелно се согласил да се сретне со неговиот египетски колега Салих Шукри во Туркије за време на месецот Рамазан, кој завршува кон крајот на април.
Минатиот месец Чавушоглу и Шукри разговараа телефонски за да ја закажат неговата посета на Туркије.
Двајцата, исто така, си упатија најдобри желби за почетокот на Рамазан, соопштија турски дипломатски извори.
Претходно минатиот месец Чавушоглу и Шукри се состанаа во египетскиот главен град Каиро, каде што разговараа за билатералните односи и регионалните и меѓународните прашања и се согласија да ги максимизираат дипломатските односи.
Дипломатските односи помеѓу Туркије и Египет се на ниво на вршители на должноста и од двете страни по воениот удар во Египет во 2013 година, со кој беше соборен тогашниот претседател Мухамед Морси.