Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, телефонски разговараше со неговиот катарски колега, шеикот Мухамед бин Абдулрахман ал Тани, при што ја повторија осудата за вчерашната провокација во Џамијата „Ал Акса“ од страна на новиот израелски министер за национална безбедност.
„Чавушоглу и Ал Тани разговараа за вчерашниот упад во Џамијата „Ал Акса“ и неодамнешните случувања во Сирија и Авганистан“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.
„За време на телефонскиот разговор, министрите ја повторија својата осуда во врска со вчерашниот провокативен чин на Итамар Бен-Гвир, министер за национална безбедност на Израел, во Џамијата „Ал Акса““, соопшти Министерството.
Се додава дека двајцата официјални претставници размениле мислења и за случувањата во Сирија, и дека Чавушоглу и Ал Тани ја изразиле „својата заедничка загриженост за неодамнешната забрана на авганистанската [талибанска] преодна Влада за пристап на жените до образование и нивното исклучување од одредени области на работа во Авганистан“.
„Чавушоглу му честиташе на својот колега за успешната организација на Светското првенство во фудбал во 2022 година во Катар. Турските сили, исто така, помогнаа во осигурувањето на безбедноста за време на настанот, прво Светско првенство организирано од муслиманска и арапска земја.“
Вчера, и покрај предупредувањата дека тоа ќе предизвика немири, израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, го посети комплексот „Ал Акса“.
Џамијата „Ал Акса“ е третото најсвето место во светот за муслиманите. Евреите го нарекуваат ова подрачје Планина на храмот, велејќи дека тоа е местото на двата еврејски храма од дамнешно време.
Израел за време на Арапско-израелската војна во 1967 година го окупира Источен Ал Кудс, каде што се наоѓа и „Ал Акса“, а во 1980 година го анектира целиот град, што меѓународната заедница никогаш не го призна.