Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море            Фото: Ројтерс

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров телефонски разговараа за Договорот за жито од Истанбул.

Како што соопшти турското МНР, двајцата министри разговарале за Истанбулскиот договор за жито и билатералните односи.

Од Обединетите нации (ОН) денес е соопштено дека продолжуваат консултациите за продолжување на Договорот за жито по Црно Море што истекува на 18 март.

На прашањето од Анадолу како ОН ја коментираат најавата на руската страна за продолжување на договорот за 60 дена по состанокот во понеделникот и дали ОН бараат подолг период на продолжување, Јенс Лаерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, рече дека засега договорот е во сила.

„Обединетите нации ја забележаа најавата на Руската Федерација за продолжување на Црноморската иницијатива за жито за 60 дена“, рече Лаерке.

Според новинската агенција ТАСС, рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко денес изјави дека е постигнат договор и дека договорот е продолжен за 60 дена.

Украинскиот вицепремиер Олександар Кубраков во понеделникот изјави дека ставот на Русија за продолжување на договорот за транспорт на жито по Црно Море за само 60 дена е во спротивност со документот потпишан од Туркије и ОН во јули 2022 година.

Минатиот јули Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за обновување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црно Море што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари 2022 година. Договорот беше продолжен за 120 дена во ноември 2022 година.

AA
Популарни